• сабота, 16 ноември 2024

Хамас бара писмени гаранции од САД за спроведување на договорот за примирје

Хамас бара писмени гаранции од САД за спроведување на договорот за примирје

Каиро, 12 јуни 2024 (МИА) - Хамас сака писмени гаранции од САД за спроведување на договорот за траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа, изјавија два египетски безбедносни извори.

Посредниците Катар и Египет соопштија дека Хамас вчера одговорил на трифазен план за примирје, без да откријат повеќе, пренесе Индекс.хр.

Планот беше претставен од американскиот претседател Џо Бајден на крајот на мај. Тој повикува на целосен и неодреден прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.

Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати и преостанатите заложници би биле ослободени, а според нацрт-резолуцијата последната фаза би опфатила реконструкција на Појасот.

САД објавија дека Израел го прифатил предлогот, но Израел тоа јавно не го призна.

Египетски извори и трет извор запознаен со разговорите велат дека Хамас изразил загриженост дека сегашниот предлог не дава јасни гаранции за преминот од првата фаза на планот, кој вклучува шестнеделно примирје и ослободување на некои заложници, до втората фаза, која вклучува траен прекин на огнот и израелско повлекување.

Египќаните тврдат дека Хамас ќе се согласи само доколку предлогот содржи гаранции, а Египет е во контакт со САД во врска со ова барање.

Кога го објави планот, Бајден рече дека прекинот на огнот ќе продолжи доколку преговорите за преминување во втората фаза траат подолго од шест недели.

Американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен денеска изјави дека Хамас предложил голем број измени на предлогот и дека некои од нив се неприменливи. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан