• среда, 18 декември 2024

Хамас апелира до УНЕСКО да ги спаси историските богатства на Газа

Хамас апелира до УНЕСКО да ги спаси историските богатства на Газа

Газа, 8 декември 2023 (МИА) - Хамас денеска го повика УНЕСКО да ги спаси богатствата на Појасот Газа, каде што многу историски градби веќе се срамнети со земја или оштетени во војната со Израел.

На видеата и фотографиите објавени денеска на социјалните мрежи се гледаат остатоците од џамијата Ал-Омари, најголемата и најстара во градот Газа, со само минарето очигледно недопрено, пренесе Бета.

Преостанатиот дел од тоа свето место од 12 век, поранешната црква, се напукнати срушени бели камени ѕидови.

Во соопштението, Министерството за антиквитети го осуди уништувањето на историски и археолошки локалитети во интензивното бомбардирање на израелската армија со цел да се уништи Хамас, кој владее во Газа, по нападот на југот на Израел на 7 октомври. Над 1.200 луѓе, повеќето цивили, беа убиени во овие напади.

Во израелското бомбардирање и последователната копнена офанзива загинаа речиси 17.500 луѓе, главно жени и деца, во Газа и претворија големи делови од малата палестинска енклава во урнатини.

Министерството смета дека светот и УНЕСКО треба да направат нешто за зачувување на големото цивилизациско и културно наследство. Како што се наведува, од почетокот на војната се урнати 104 џамии.

Во израелските воздушни напади ноќта меѓу четвртокот и петокот беа урнати џамиите Ал-Омари и Отман бин Каскар, кои исто така се во градот Газа.

Министерството наведува дека е уништен и амамот, турската бања Ал Самара, каде жителите земале вода повеќе од илјада години.

Дополнително, беа уништени три цркви, вклучувајќи ја и илјадагодишната грчка православна црква Свети Порфириј, најстарата сè уште отворена на таа територија, која се наоѓа во срцето на историскиот кварт Стара Газа, кој беше нападнат на 18 октомври.

Архитектонското наследство на Газа веќе претрпе големи штети во претходните војни меѓу Израел и Хамас, кој владее со територијата од 2007 година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан