• среда, 13 ноември 2024

Халеви: Се подготвуваме за следната фаза од операцијата во Либан

Халеви: Се подготвуваме за следната фаза од операцијата во Либан

Ерусалим, 23 септември 2024 (МИА) - Израелската војска се подготвува за следната фаза од својата операција во Либан, откако утринава започна бран воздушни напади врз цели на Хезболах, изјави началникот на Генералштабот на армијата, Херзи Халеви.

-Во суштина, нашите цели се воената инфраструктура што Хезболах ја изгради во изминатите 20 години. Ова е многу значајно. Ние целиме цели и се подготвуваме за следните фази, рече тој.

Откако погоди делови од јужен и источен Либан и јужните предградија на Бејрут, Халеви рече дека израелската војска сега „се подготвува за следните фази“ од својата операција.

Расте тензијата во Либан. Луѓето најмногу ги интересира дали Израел подготвува копнена инвазија на својот сосед, која засега не е објавена.

Израелската армија вечерва потврди дека извршила целен воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, а израелските медиуми објавија дека цел бил командантот на либанскиот Хезболах, Али Караки, задолжен за јужниот фронт.

Вчера беа погребани Ибрахим Акил, вториот по команда во военото крило на Хезболах и други високи команданти на проиранската организација, убиени во петокот во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут. Во јули, главниот командант на Хезболах, Фуад Шукр, беше убиен во сличен напад.

Израел објави и видео од значаен ракетен напад од Хезболах на својот официјален профил на „X“.

-Северот на Израел во моментов. Со ова се занимаваме...Никогаш нема да се извиниме што го заштитивме израелскиот народ, се вели во објавата. мс/

 

 

 

Остани поврзан