• сабота, 23 ноември 2024

Халеви: Војната во Газа може да трае со месеци

Халеви: Војната во Газа може да трае со месеци

Тел Авив, 26 декември 2023 (МИА) - Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви денеска изјави дека војната во Газа би можела да трае со месеци бидејќи, како што рече, ќе биде потребно да бидат уапсени или убиени највисоките лидери на Хамас.

-Оваа војна има критични цели кои не е лесно да се постигнат и се одвива во сложено опкружување. Затоа оваа војна ќе трае многу месеци, а ние ќе дејствуваме на различни начини за да ги одржиме нашите достигнувања со текот на времето. Ќе дојдеме до лидерот на Хамас, без разлика дали ќе биде потребно една недела или неколку месеци, рече Халеви.

Тој додаде дека е свесен оти поширокиот дипломатски и политички контекст нема да дозволи целосна сеопфатна војна толку долго и додаде дека ИДФ „ќе се приспособат на различни нивоа на борбен интензитет по потреба“.

Халеви истакна дека на Израел ќе му требаат нови безбедносни механизми и тактики дури и откако различните нивоа на борби ќе станат помалку интензивни за да се обезбеди долгорочна безбедност на израелските жители на југот.

Халеви истакна дека ИДФ мора да ја зајакне својата доминација во јужниот дел на Газа, каде Кан Јунис е новата фокусна точка. мс/

фото: ИДФ

Остани поврзан