• сабота, 23 ноември 2024

Хакери украле приватни податоци на повеќе од три милиони купувачи на Фолксваген

Хакери украле приватни податоци на повеќе од три милиони купувачи на Фолксваген
Вашингтон, 14 јуни 2021 (МИА) - Повеќе од три милиони луѓе во САД и десетици илјади клиенти во Канада станаа жртви на кражба на податоци од хакери кои упаднале во компјутерскиот систем на надворешен партнер на групацијата Фолксваген (VW). Групацијата потврди дека нивна филијала во САД, што собирала податоци од клиенти за маркетинг и продажба преку интернет, била жртва на хакерски напад, во кој анонимни хакери украле податоци од неговиот систем со повеќе од 3,3 милиони луѓе. Тоа се податоци што вклучуваат имиња, телефонски броеви, електронска пошта и адреси на живеење, а во некои случаи и ВИН-броевите на нивните автомобили, како и броевите на возачката дозвола и броевите за социјално осигурување, кои се особено чувствителни податоци во САД. Украдените податоци се однесуваат на купувачи на возила на Фолксваген и Ауди, како и на оние кои контактирале со овие компании заинтересирани за можна набавка на возило. Групацијата Фолксваген соопшти дека веќе контактирал околу 90.000 клиенти чии најчувствителни податоци биле украдени и им понудил бесплатна помош за заштита. Кражбата се случила во периодот од август 2019 година до мај 2021 година. Фолксваген не објави за кој добавувач станува збор. ми/

Остани поврзан