• среда, 25 декември 2024

Хагари ја минимизира важноста на запрената испорака на бомби од САД за израелската војска

Хагари ја минимизира важноста на запрената испорака на бомби од САД за израелската војска

Тел Авив, 8 мај 2024 (МИА) - Израелската армија денеска се обиде да ја намали важноста на прекинот на испораката на бомби од САД поради загриженоста на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за заканата со најавената голема офанзива од страна на Израел во градот Рафа, на југот на Појасот Газа, посочувајќи дека сојузниците ги решаваат несогласувањата зад затворени врати.

Запрашан за прекинот на испораките, за време на конференцијата организирана од израелскиот весник „Једиот Ахронот“, во време кога војната во Газа влегува во осмиот месец, главниот воен портпарол, контраадмирал Даниел Хагари, оцени дека соработката меѓу Израел и САД достигнува „невиден опсег во историјата“, објавија светските агенции.

-Минатата недела ја суспендиравме пратката на оружје, што се состои од 1.800 бомби со тежина од 907 килограми и 1.700 бомби со тежина од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали пратката ќе биде испорачана, изјави синоќа неименуван високо позициониран американски функционер.

Вашингтон, на неколку пати во изминатите две-три недели, јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива во Рафа без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан