• четврток, 26 декември 2024

Хаарец: Самоволието на израелските офицери е причина за смртоносниот напад на хуманитарците во Газа

Хаарец: Самоволието на израелските офицери е причина за смртоносниот напад на хуманитарците во Газа

Тел Авив, 3 април 2024 (МИА) - Слабата дисциплина и самоволието на израелските офицери на теренот се главната причина за смртоносниот напад врз хуманитарните работници во Појасот Газа, пишува денеска израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на воени извори.

Причината, според весникот, не биле никакви проблеми во координацијата на израелската армија со хуманитарната организација Светска централна кујна (WCK), чии седум активисти загинаа во израелски воздушен напад.

Убиени се активисти кои водеа народна кујна во Газа - австралиски државјанин, Полјак, Британец, жители на палестинската управа на Западниот брег и маж со двојно американско и канадско државјанство.

Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви го опиша нападот како тешка грешка, која не требало да се случи. Весникот „Хаарец“ пишува дека врвот на армијата точно ги знае причините, бидејќи во Газа „секој прави што сака“ на терен.

Воените прописи, според весникот, предвидуваат дека секој ангажман против чувствителни цели мора да има одобрение од високи воени функционери, понекогаш дури и од самиот Генералштаб. Но, во војната во Појасот Газа, „секој командант си поставува свои цели“ и има свое толкување на командите. Во овој случај, не е јасно дали е побарана дозвола за воздушниот напад од високата команда.

Според „Хаарец“, причината била наводната идентификација и сомневањето дека во конвојот на WCK има палестински терорист. Израелската единица, наводно, идентификувала вооружен маж пред конвојот да влезе во складиштето, пишува весникот, цитирајќи неименувани претставници на Министерството за одбрана.

„Кога колоната од три возила ја напуштила халата, човекот повеќе не беше во неа. Сепак, нареден е напад со дрон на едно од возилата. Неколку патници го напуштиле погоденото возило и влегле во другите две. Тие продолжиле да возат, па дури и ги известиле надлежните израелски власти за тоа што се случило и дека биле нападнати. Неколку секунди подоцна уште едно возило било погодено од ракета, а третото експлодирало кога се обиделе да го префрлат ранетиот во третото возило“, пишува „Хаарец“. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан