• четврток, 19 декември 2024

ФMМ: Новинарите не се портпароли на државата

ФMМ: Новинарите не се портпароли на државата
Париз, 2 септември 2022 (МИА) - Новинарите во француските јавни медиуми Франс 24 и РФИ денеска протестираа по изјавата на претседателот Емануел Макрон за меѓународното влијание на Франција, со што новинарите се претвораат во портпароли на државата. Макрон вчера на средбата со француските амбасадори во Елисејската палата побара да се примени „стратегијата на влијание на Франција“. Макрон укажа на рускиот, кинескиот и турскиот наратив во Африка и побара подобро искористување на Француската медиумска мрежа за светот (France Medisas Monde-FMM), која според него е „апсолутно клучна“ и која треба да биде „силата“ на Франција. - Франс 24, медиумската групација ФММ (француски медиуми за светот), во никој случај не е официјален глас на Франција. Тоа е медиум за јавен сервис, а не владин медиум. Исто така не е оператор за дипломатско влијание, се наведува во соопштението на Здружението на новинари на телевизијата. Додека во соопштението на Синдикатот РФИ (Radio France internationale), кој исто така припаѓа на француската медиумска групација за светот, се наведува дека тие не се портпарол на Елисејската палата. - Нашите новинари во никој случај не се и никогаш нема да бидат алатка во служба на вашата комуникација и на вашата политика. Никогаш нема да дадеме ниту мал дел од нашата независност, истакнува Синдикатот на РФИ, многу популарна радиостаница во Африка. Француската медиумска мрежа за светот ги обединува Франс 24 (на француски, англиски, арапски и шпански јазик), РФИ (на француски и на 15 други јазици) и Монте Карло Дуалија (Monte Carlo Doualiya), радио на арапски јазик. ми/

Остани поврзан