ФФМ сподели корисни информации за македонските навивачи на ЕУРО2020
- Македонските навивачи кои имаат обезбедено билети за натпреварите што „црвено – жолтите“ ќе ги играат во Букурешт и Амстердам во рамки на ЕУРО2020 од денеска на официјалната веб-страна на Фуд
Скопје, 7 јуни 2021 (МИА) – Македонските навивачи кои имаат обезбедено билети за натпреварите што „црвено – жолтите“ ќе ги играат во Букурешт и Амстердам во рамки на Европското првенство во фудбал 2021 од денеска на официјалната веб-страна на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) можат да се запознаат со сите потребни информации во врска со патувањето и пристапот до стадионите.
Преку официјалната веб-страна, ФФМ сподели корисни информации за навивачите како да го испланираат патувањето, сместувањето и пристапот до стадионите во Букурешт и Амстердам, потребните услови за влез во Холандија, како и навивачкиот кодекс и правилата за однесување на стадионите на ЕУРО2020.
Македонските навивачи преку веб-страната можат да ги активираат и мобилните апликации поврзани со билетите за натпреварите и да се запознаат со официјалниот „водич“ што УЕФА го подготви за сите 11 градови домаќини на ЕУРО2020.
Македонската фудбалска репрезентација утре претпладне заминува за Букурешт, каде на 13 јуни игра против Австрија, а на 17 јуни против Украина. Завршниот трет натпревар во рамки на групата Ц, „црвено – жолтите“ ќе го играат против Холандија, на 21 јуни на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам. ег/ки/