• сабота, 28 декември 2024

„Фу фајтерс“ продолжуваат без починатиот Тејлор Хокинс

„Фу фајтерс“ продолжуваат без починатиот Тејлор Хокинс

Лос Анџелес, 11 јануари 2023 (МИА) - Американскиот рок-бенд „Фу фајтерс“ ги најави своите следни настапи, без трагично починатиот тапанар Тејлор Хокинс минатата година, јави Би-би-си.

Составот, предводен од Дејв Грол, ќе свири на три американски фестивали ова лето - „Бостон колинг“ (Boston Calling) и „Соник темпл“ (Sonic Temple) во мај, а потоа и „Бонару“ (Bonnaroo) во јуни. И во новогодишната објава, групата им соопшти на обожавателите дека решиле да продолжат без Хокинс, кој свиреше со нив од 1997 година.

Хокинс, инаку, беше пронајден мртов во неговата хотелска соба минатиот март, непосредно пред настап во Колумбија. Причината за смртта не е објавена, иако токсиколошкиот извештај покажал траги од 10 супстанции во неговиот систем, вклучувајќи опојни средства и антидепресиви.

„’Фу Фајтерс‘ беа основани пред 27 години за да ги претставуваат исцелителната моќ на музиката и продолжувањето на животот“, напиша бендот, мислејќи на тоа како претходниот бенд на Грол - „Нирвана“, заврши со смртта на предводникот Курт Кобејн. - „Изминативе 27 години, нашите обожаватели изградија светска заедница, посветен систем за поддршка што ни помогна да поминеме најтемните времиња заедно. Без Тејлор никогаш немаше да станеме бенд каков што бевме - а без Тејлор, знаеме, ќе бидеме поинаков бенд во иднина“, се вели во објавата на рок-составот.

„Фу фајтерс“ досега имаа два настапи со посвета за Хокинс во Лондон и Лос Анџелес во септември, со гости како Пол Макартни, „Квин“, Аланис Морисет, „Карс“, „Раш“ и Мајли Сајрус.

Засега не е објавено дали и кој ќе го заземе местото на Хокинс.  си/

Остани поврзан