• среда, 25 декември 2024

Фуше за МИА: Уставните измени се техничко прашање, бидејќи во Уставот веќе постои статусот на малцинствата

Фуше за МИА: Уставните измени се техничко прашање, бидејќи во Уставот веќе постои статусот на малцинствата

Скопје, 1 април 2023 (МИА) - Северна Македонија изгуби 15 години, во пристапувањето кон НАТО, не поради лична вина, туку поради јужниот сосед. Тоа е геополитиката на името и ризикот е да се изгуби време со уште еден друг сосед, Бугарија. Се надевам дека во оваа земја ќе се најде доволно мудрост, прагматизам и далекувидост за да се преземат одлуките коишто соодветствуваат на националниот интерес. Од една страна во ваш интерес е да се консолидира тој типично македонски, граѓански модел на мултиетничко општество и да се додаде на него уште една друга димензија на припадност, припадноста кон ЕУ, кон европскиот идентитет.

Ова го вели во интревју за МИА Мишел Фуше, француски географ и дипломат, кој деновиве беше во посета на земјава на покана на Францускиот институт по повод промоција на неговата нова книга. Прашан за коментар во врска со поддршката за членство во ЕУ која во земјава драстично опадна, особено по францускиот предлог и усвојувањата на преговарачката рамка која бара нови отстапки од државата, а тоа се уставните измени, Фуше оценува дека станува збор за техничко прашање. 

- Во вашиот Устав има веќе гаранции за околу половина дузина на малцинства кои се наоѓаат тука. Недостастигаат две или три - Црногорците, Бугарите, Хрватите. Бугарите се 3.500 лица. Тука не говорам за пасошите. Искрено во ова не гледам никаков ризик, ниту закана. Моето мислење за амандманите, да ви одговарам на прашањето, иако не би сакал да се мешам во вашите внатрешни работи е дека се работи за технички проблем. Би можеле од него да направиме голем политички проблем од политикантски причини. Технички проблем е бидејќи во Уставот веќе постои тој статус на малцинства. Откако тие амандмани ќе влезат во Уставот вие автоматски поминувате на втората фаза на преговорите. Значи, треба да се реши тоа прашање што е можно побргу и тоа го нарекувам национален интерес. Јас не сум Македонец, ова е само пријателски совет, подвлекува Фуше кој е професор по применета геополитика.

Во однос на тоа дека од 2013 година, кога членка стана Хрватска нема напредок во однос на проширувањето, францускиот геополитичар дециден дека напредокот не зависи од Брисел, туку произлегува од стагнацијата на реформите на земјите кандидати.

За новата методологија, смета дека е поволна за државите кандидати затоа што може да се мери нивниот напредок, етапа по етапа, но вели, и во ЕУ исто така има потреба од внатрешни реформи, а тоа беше ставот на Франција во 2019 година.

-Тука спаѓа особено прашањето за едногласното одлучување, околу фискалните прашања, околу прашањата од областа на надворешната политика и одбраната. За повеќе земји од Европа, тоа е приоритет. Ако го укиневме правото на едногласно одлучување во однос на надворешната политика, немаше да има бугарско вето. Значи, имаме потреба да го реформираме системот на донесување одлуки којшто е сега во сила во ЕУ. Имаме потреба да одиме многу побрзо во проширувањето, меѓутоа во земјите кандидатки треба да дојде до вистински реформи. Суштинската реформа е во поглед на правната држава. Независноста на судството, вели Фуше.

Др. Мишел Фуше е специјалист во доменот на геополитиката, а особено за поимот „граници“. Во 60-тина публикации, тој ги објаснува глобалните геополитички прашања, применувајќи иновантна метода која соединува различни нивоа на аналитики и временски периоди. Бил амбасадор на Франција во Латвија (2002-2006), советник на францускиот министер за надворешни работи (1997-2002), шеф на штабот за планирање политика (1999-2002) и специјален пратеник на Балканот и Кавказот (1999), а во 2007 година и амбасадор за европски прашања.

Во продолжение следува целосното интервју со др. Мишел Фуше. 

Зошто Ве инспирираше феноменот на границите и зошто одлучивте токму нему да му посветите толкаво внимание?

-Феноменот на границите е особено значаен предмет на истражување на геополитиката. Пред се поради тоа што границите се арбитрарни (самоволни), во еден момент се носат одлуки и се поставува една линија на еден одреден простор. Најчесто тоа се случува по некаков конфликт или како резултат на заемен договор или како во вашиот регион, како резултат на сукцесијата на СФРЈ и создавањето на нови држави. Бидејќи во текот на 80-те години работев како истражувач на темата граници, стапив во контакт со тимот на претседателот Франсоа Митеран и така се вклучив на некој начин во активности на теми од областа на применетата геополитика. За мене, тоа не е академска, туку конкретна тема. Јас тоа го предвидов во 1985-1986 година и од тие причини доаѓав доста често на Балканот. Мојата прва посета на Скопје е во 1994 година, а втората во 1999 година како дипломат.

Во една од вашите книги велите дека светот за да може да опстане потребни му се границите?

-Во политичката географија постојат два концепта - концептот на слободна циркулација, слободно движење на населението, луѓе и на стоки, во склоп на трговска размена, феноменот на населување на одредена област, а вториот концепт на затвореност, според кој се потенцира: овде е мојот дом, ова е мојата татковина, во домот имам врата, која ја отварам, ја затворам. Слично на тоа имаме врати во вид на граници, гранични пунктови кои можат да бидат отворени или затворени во зависност од квалитетот на односите. Тој концепт на граници е поврзан со концептот на иконографија, која ја оформува сликата која народот ја создава за себе, статусот, наративот, митовите, спомениците. На пример во Скопје има коњи насекаде, во Франција има споменици на Наполеон, Луј 14, исто е насекаде во светот, иконографијата се затвора околу себе, насекаде го има тоа, таа е нацијата, а циркулацијата/движењето тоа е отвореноста. Границата е дел од затвореноста.

Во однос на Европа велите дека границите не се прашање на географија, туку на геополитика. Може ли да го објасните ваквиот став во однос на актуелниот геополитички контекст, војната во Украина и политиката на проширување на ЕУ и дали може да зборуваме за идентитет на ЕУ, односно европски идентитет?

-Потребно е време да се одговори на ова прашање. Европскиот континент е единствениот во светот каде што продолживме да создаваме граници после 1989, 1991 година. Тука може да се спомене „кадифениот развод“, од „Кадифената револуција“ на Чесите со Словаците, или обратно, војната во Украина, која е меѓудругото, војна за граници. Војната во Украина е многу посериозна. Може дополнително да зборуваме за неа. Тука е и трагичниот случај кој е добро познат тука во Скопје, за тоа дали административните граници во поранешна Југославија треба да станат обврзувачки и меѓународни граници при создавање на новите држави. Ако се навратиме 30 години наназад и споредиме со сега, имаме 18.000 километри нови дополнителни граници. Историјата на Европа тоа е историја на создавање држави - нации, нациите се еманципираат од империите. Тоа се случува кога тие империи веќе не ги штитат или премногу ги дискриминираат или пак самите империи ослабнуваат, стануваат премногу слаби. Ако ја земеме за пример Украина, може да кажеме дека украинската нација се еманципира во една страшна болка во однос на некогашната руска империја. Меѓутоа во денешниот свет, една држава помала или поголема па дури и од форматот на Франција, не може никако сама да опстојува. Во тоа се состои интересот на Европската Унија, односно конструкцијата на Европската Унија како геополитички проект. Во тој контекст јас би говорел за таа европска конструкција како геополитички проект во кој што државите од една страна се еманципираат, стануваат самостојни, но веднаш сакаат да станат дел од една поголема целина. Во тој случај имате двојно движење, а тоа е приказна и историја и на вашата земја Македонија. Вие станувате независни, стекнувате суверенитет и територијален интегритет, но во исто време сакате, односно станувате дел на една поголема целина НАТО, а понатаму и на ЕУ.

Четврт елемент во однос на таа проблематика на границите е проширувањето на ЕУ, кое е исто така проширување и на нејзините граници. Границите се и еден аспект од украинскиот конфликт, чијшто предизвик е да се види каде ќе бидат границите на проширената Европска Унија утре, граница во однос на Русија.

Во однос на проширувањето ЕУ си зададе задача да го продолжи овој процес како една од нејзините најдобри алатки на надворешната политика, како мировен проект. Но Северна Македонија е посебен случај. Дали ЕУ е подготвена за ново проширување и какви сценарија се можни во однос на Балканот, односно ЈИЕ, ако се има предвид економската, енергетската криза, постковид периодот и руската агресија врз Украина?

-Северна Македонија е дел од тој простор на мирот и тоа без сомнение, но поради тежината на минатото во овој дел на Европа, има раздор со одредени ваши соседи. Ако гледаме долгорочно преминот од империја до нација бил доста комплициран. Ќе дадам еден пример, од кој сами ќе изведете заклучоци. Грција од Отоманската империја се еманципира во 1830 година со помош на Франција, Велика Британија и на Германија и е назначено да ја води германски принц. Но понатаму грчките интелектуалци сонуваат за некаква голема Грција.

Тоа е таа тн. мегаломанска идеја, за голема Грција, голема Хрватска, голема Србија, голема Албанија, голема Македонија и голема Бугарија, идеја која сè уште трае. Но се разбира дека тоа не е можно, затоа што тоа е фактор на раздор, односно на идни конфликти. Кога се работи за Северна Македонија, вие изгубивте 15 години, не поради ваша лична вина, во пристапувањето кон НАТО, поради вашиот драг сосед што се наоѓа на југ. Тоа е геополитиката на името и ризикот е да се изгуби време со уште еден друг сосед. Јас се надевам дека во оваа земја ќе се најде доволно мудрост, доволно прагматизам, обмисленост, доволно далекусежност за да се преземат одлуките коишто соодветствуваат на националниот интерес. Од една страна во ваш интерес е да се консолидира тој типично македонски, граѓански модел на мултиетничко општество и да се додаде на него уште една друга димензија на припадност, припадноста кон ЕУ, кон европскиот идентитет. Јас сум Французин, мојот татко, на пример, водел војна против Германците, но истовремено сум и европски граѓанин, јас сум и Французин и Европеец и сметам дека нема контрадикција помеѓу двата идентитети.

Поддршката за членство во ЕУ во Северна Македонија драстично опадна особено по францускиот предлог и усвојувањата на преговарачката рамка која бара нови отстапки од државата, а тоа се уставните измени. Станува збор за бугарски барања кои со вметнување во преговарачката рамка сега стануваат европски.

-Ја познавам тематиката. Пред сè не се работи за француски предлог. Тоа е предлог на Франција како претседател на Советот на ЕУ во јуни 2022 година. Значи не е исто, а дополнително тоа го направивме заедно со поддршка на Германија. Не ги знам сите детали, но претседателот Макрон, издејствува деблокада на пристапниот процес од страна на вашиот источен сосед. Но во замена за тоа деблокирање на процесот, тука е оној дел на амандмани коишто би се внеле во Уставот. Во вашиот Устав има веќе гаранции за околу половина дузина на малцинства кои се наоѓаат тука. Недостасуваат две или три-Црногорците, Бугарите, Хрватите. Бугарите се 3.500 лица. Тука не говорам за пасошите. Искрено во ова не гледам никаков ризик, ниту закана. Моето мислење за амандманите, да ви одговарам на прашањето, иако не би сакал да се мешам во вашите внатрешни работи е дека се работи за технички проблем. Би можеле од него да направиме голем политички проблем од политикантски причини. Технички проблем е бидејќи во Уставот веќе постои тој статус на малцинства. Откако тие амандмани ќе влезат во Уставот вие автоматски поминувате на втората фаза на преговорите. Значи, треба да се реши тоа прашање што е можно побргу и тоа го нарекувам национален интерес. Јас не сум Македонец, ова е само пријателски совет.

Од друга страна се поставува прашањето дали ЕУ е подготвена за ново проширување, бидејќи последното беше со Хрватска во 2013 година. Нема напредок ниту во однос на проширувањето ниту во однос на напредок на другите земји кандидати кои преговараат со ЕУ?

-Напредокот не зависи од нас, туку произлегува од стагнацијата на реформите на земјите кандидати.

Меѓутоа новата методологија беше ад хок предлог на Франција.

-Новата методологија е поволна за државите кандидати затоа што може да се мери нивниот напредок, етапа по етапа. Значи, не се чека резултатот на крајот на трката. Ние, исто така, имаме потреба во ЕУ од внатрешни реформи, тоа беше ставот на Франција во 2019 година.Тука спаѓа особено прашањето за едногласното одлучување, околу фискалните прашања, околу прашањата од областа на надворешната политика и одбраната. За повеќе земји од Европа, тоа е приоритет. Ако го укиневме правото на едногласно одлучување во однос на надворешната политика, немаше да има бугарско вето. Значи, имаме потреба да го реформираме системот на донесување одлуки којшто е сега во сила во ЕУ. Имаме потреба да одиме многу побрзо во проширувањето, меѓутоа во земјите кандидатки треба да дојде до вистински реформи. Суштинската реформа е во поглед на правната држава. Независноста на судството. Тука никого нема да именувам.

Сведоци сме на четвртата индустриска револуција која од темел го менува начинот на кој живееме, работиме и на кој сме поврзани едни со други. Колку оваа технолошка револуција односно дигиталната трансформација на општествата ќе влијае на редефинирање на поимот на границите и дали можеби се наѕираат некакви нови граници?

-Не знам дали имам компетенции да одговорам, но учествував на еден семинар/конференција организиран од страна на Универзитетот ФОН околу прашања поврзани со дигитализацијата. Вашата потпретседателка на Владата за добро владеење кажа дека вашата земја може да стане хаб во однос на сајбер безбедноста. Еден друг соговорник рече дека новите технологии на информирање и интернетот, кога се добро водени/совладани, можат да отворат дополнителни можности токму за малите земји. Во сајбер безбедноста најнапредната земја во ЕУ, е многу мала, а тоа е Естонија. Значи технолошките револуции на некој начин го намалуваат ефектот на големината на земјата. Вашата земја за да постигне успех треба да најде некои сегменти во коишто би била успешна. Еден сектор којшто за мене е многу важен е образованието.

Во Скопје го промовиравте вашето последно дело „Атлас на франкофонски земји“ (2020) за кое во декември 2021 година ја добивте Наградата за француски јазик и книжевност на Француската академија. Според ваше мислење геополитички колку е франкофонијата влијателна денес?

-Вашата земја е дел од Меѓународната организација на франкофонијата. Бев утрово во Куманово и ми рекоа дека има интерес за изучување на францускиот јазик. Се разбира новите генерации, пред сè, го говорат англискиот. Англоамериканскиот е јазик на глобализацијата и јазикот на новите технологии, на интернет се зборува англиски. Меѓутоа не постои само интернетот, тука е и содржината на нештата, мислата, размислувањата, културата. Тука сметам дека францускиот јазик нешто може да придонесе. Доаѓајќи наваму, во авион читав книги на Луан Старова. Специјалист за Аполинер, писател на албански и на македонски јазик. Беше амбасадор на Македонија во Франција. На страница 208, во неговото дело „Книгите на татко ми“ тој вели: „Тој го имаше научено францускиот јазик како кој било друг самоук од Балканот којшто самиот себе се почитува“. Со ова ќе го отворам предавањето.

Виолета Геров

Фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан