• среда, 27 ноември 2024

Фуере: Прашањата поврзани со јазикот, идентитетот и историјата мора да се водат во паралелен процес

Фуере: Прашањата поврзани со јазикот, идентитетот и историјата мора да се водат во паралелен процес
Скопје, 24 јуни 2022 (МИА) - Доколку се сака решение за билатерално прашање каде би имало балансиран пристап, но и да се земат во предвид критериумите за приклучување на Европската Унија, многу е јасно дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот и историјата мора да се водат во паралелен процес, бидејќи поинаку, со нивно вклучување во преговарачката рамка целосно ќе се загади пристапниот процес и кој ќе гарантира дека нема да има дополнително вето од Бугарија понатаму, порачува поранешниот евроамбасадор во државава Ерван Фуере. На вечерашното гостување на ТВ Сител Фуере посочи дека според него, ова треба да биде исклучено, затоа што, според начинот на кој се формулирани, како што рече, „тие се навреда за македонските граѓани, тие ги напаѓаат срцето и душата на македонската нација и никогаш нема да бидат дел од некоо компромисно решение“. -  Јас се надевам дека француските дипломатски напори ќе ја разберат чувствителноста поврзана со прашања кои постојат на Западен Балкан и ќе направат напор кој во многу поголем дел ќе ги земе предвид грижите на македонската страна, отколку целосно да се посвети во корист на интересот на Бугарија, рече тој. Според Фуере, доколку некој сака да најде компромисно решение, клучно е да бидат земени предвид проблемите од интерес на двете земји. - За жал, многу од елементите на бугарската позиција се против она за што се бори ЕУ, и исто така, ги игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права по прашање на правата на малцинствата и инсистирањето на Бугарија за вклучување на бугарската заедница во Уставот на Македонија, посочи тој. Фуере смета дека е важно да се зближат, како што рече, „оние чувствителни луѓе во Бугарија“ кои, како што посочи „веруваат дека нивните политичари не делуваат во интерес на Бугарија“ и дека ќе се случи интеграција на луѓето, на граѓанското општество од Бугарија и Северна Македонија да создадат клима на доверба, бидејќи во моментов, според него, нема доверба. - И за да се постигне договор треба да има воспоставена доверба. За жал, односот на голем дел бугарски политичари е целосно спротивно на она што се очекува од земја-членка на ЕУ и целосно спротивно на она за што се бори ЕУ во однос на надминување на историското наследство како и промоција на процес базиран на помирување и владеење на правото. Бугарија делува како да го игнорира тоа во целост и ова според мене е голема трагедија, смета тој.

Спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија е само еден, наведе, но, дополни дека има многу други со кои што треба да се справиме и посочи дека мора да се избегне секогаш да ни се случува ваква блокада која ја поткопува довербата во капацитетите на ЕУ да се справи со овие прашања и да промовира политика на проширување која со години се ветува на Западен Балкан.

Според евроамбасадорот, Северна Македонија, исто така, мора да продолжи со реформите. - Направи исклучителни напори и како што разбирам, демотивацијата кај многумина треба да се надмине со продолжување и да се покаже дека се има капацитет и посветеност бидејќи иднината е во европското семејство на нации, порача тој. ар/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан