• среда, 25 декември 2024

Фудбалерите на ЈАР бронзени на Африканското првенство

Фудбалерите на ЈАР бронзени на Африканското првенство

 

Абиџан, 11 февруари 2024 (МИА) – Фудбалерите на Јужна Африка го освоија третото место на Купот на африканските нации, совладувајќи го синоќа ДР Конго во натпреварот за бронзениот медал во Абиџан со 6-5 на пенали.

Малото финале заврши без голови во регуларниот дел, а првиот изведувач од белата точка во редовите на ЈАР, Мокоена, ја погоди стативата. Почетната предност ДР Конго ја задржа сè до петтата серија кога Мбемба имаше можност со реализација од белата точка да го обезбеди бронзениот медал, но јужноафриканскиот голман Вилијамс го одбрани неговиот удар. Пенал драмата продолжи до седмата серија во која Ксулу беше прецизен за ЈАР, а Вилијамс го одбрани ударот на Елија и донесе бронза за ЈАР.

Вилијамс и во четвртфиналето против Зеленортските острови одбрани дури четири пенали, а во синоќешното мало финале уште еднаш потврди дека е специјалист за одбрани од белата точка.

За ЈАР ова е четврти медал на африканските првенства, по златото во 1996, среброто во 1998 и бронзата во 2000 година. ДР Конго, пак, втор пат заврши четвртопласиран на континенталниот турнир, на кој освои две титули во минатото (1968, 1974), како и две бронзи (1998, 2015).

Во денешното финале во Абиџан ќе играат Брегот на Слонова коска и Нигерија. ег ФОТО: Икс

Остани поврзан