• сабота, 21 декември 2024

Фронтекс: Рекордни нивоа на илегални преминувања на границите на ЕУ

Фронтекс: Рекордни нивоа на илегални преминувања на границите на ЕУ

Варшава, 11 август 2023 (МИА) - Во првите седум месеци од годинава забележани се рекордни нивоа на илегални преминувања на границите на ЕУ, јави ДПА, повикувајќи се на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Според податоците на агенцијата, имало 176.100 обиди за преминување на границите на Унијата. Ова е највисоката бројка пријавена за овој период од 2016 година и претставува зголемување од 13 отсто. Само во јули имало 42.700 обиди за преминување, што е за 19 отсто зголемување во споредба со јули 2022 година, соопшти агенцијата.

Според податоците, повеќе од половина од обидите, или 89.047, биле преку централната медитеранска рута – на пример од Либија и Тунис, преку Сицилија и Малта. По оваа траса повеќе од двојно е зголемен бројот на обиди за илегални премини во првите седум месеци од годинава.

Сепак, Фронтекс забележува дека маршрутата преку Средоземното Море и натаму е опасна и во првите седум месеци од годинава исчезнале повеќе од 2.060 мигранти.

Агенцијата забележува намалување на обидите за преминување по маршрутата преку Западниот Балкан, која е втора по популарност. Таму се забележани повеќе од 52.200 премини, што е намалување за 26 отсто и се должи главно на построгата визна политика.

По сите други маршрути, исто така, било пријавено намалување на обидите за илегални премини, додаде Фронтекс. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан