Фронтекс ги ангажира Ербас и Израелците за контрола на Медитеранот од воздух
- Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) ги ангажираше компанијата Ербас Ерборн солушнс (ADAC) и Воздухопловната индустрија на Израел (IAI) за задачи за надзор на поморските патишта од воздух со беспилотни летала од типот Херон (чапја).
Варшава, 31 декември 2024 (МИА) – Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) ги ангажираше компанијата Ербас Ерборн солушнс (ADAC) и Воздухопловната индустрија на Израел (IAI) за задачи за надзор на поморските патишта од воздух со беспилотни летала од типот Херон (чапја).
Се работи за четиригодишен договор кој ќе почне да се спроведува на почетокот на 2025 година, објави порталот Балканска безбедносна мрежа, пренесува Бета.
Програмата наречена „Морски чапја“ ќе биде концентрирана во областа на Медитеранот и целта е да се зголеми безбедноста на границите и напорите за спасување на мигрантите кои користат небезбедни пловни објекти за да ја преминат на територијата на Европската унија.
Беспилотните летала Херон од израелско производство, кои се познати по тоа што можат да останат во воздух на средни височини неколку десетици часа, и за овие цели ќе бидат опремени со оптички камери, инфрацрвена технологија и радари за надзор за откривање на пловни објекти.
Идејата е Фронтекс да ги користи овие летала за да добие увид во реално време за ситуацијата на теренот и тие податоци да течат до оперативниот центар во Варшава, како и до контролните центри на земјите домаќини кои се најзагрозени од приливот на илегална миграција преку Медитеранот. јт/
Фото: МИА архива