• недела, 24 ноември 2024

Фридом Хаус: Србија ги напушта демократските принципи, мнозинството медиуми ги контролира СНС

Фридом Хаус: Србија ги напушта демократските принципи, мнозинството медиуми ги контролира СНС
Белград, 6 мај 2020 (МИА) - Србија во новиот годишен извештај на Фридом Хаус првпат од 2003 година не е класифицирана во „делумно консолидираните демократии“, туку во категоријата на „хибридни режими“ во кои власта се заснова на авторитаризмот, како последица на нецелосни демократски промени. Како што јави дописникот на МИА од Белград, во извештајот во кој се опфатени „Земјите во транзиција“ што опфаќаат 29 земји од поранешниот Советски Сојуз и Источна Европа, се наведува дека Србија и Црна Гора направиле чекор назад од категоријата „делумно консолидирани демократии“ во категоријата „хибридни режими“, додека Северна Македонија и Косово се единствените во регионот на Западен Балкан кои имаат постигнато напредок. Терминот „хибриден режим“ се однесува на држави во кои власта истовремено може да изврши политичка репресија и да распише избори, во кои демократските институции се кревки и постојат значителни предизвици во одбраната на политичките права и граѓанските слободи. - На Балканот, долгогодишното заробување на државата, злоупотребата на власта и „цврстата тактика“, што ја користат Александар Вучиќ во Србија и Мило Ѓукановиќ во Црна Гора, доведоа до тоа првпат од 2003 година овие земји да не се наоѓаат во категоријата демократии, наведува Фридом Хаус. Во извештајот се додава дека промената се случува во време кога процесот на пристапување во ЕУ има несогласувања и повеќе не служи како пример за демократска реформа, кога политиките на големите сили и транснационалната дипломатија го претвораат Балканот во геостратешка шаховска табла. Во Србија, пет години по ред се бележат негативни показатели за демократските реформи и методи на управување, наведуваат од Фридом Хаус. Во делот на извештајот што се однесува на Србија се наведува дека владејачката Српска напредна партија (СНС), од доаѓањето на власт во 2012 година, систематски ја ограничува можноста на опозицијата да биде вклучена во управувањето со земјата, каде се наброени повеќе примери во работотата на собранието и оценки на набљудувачите на Советот на Европа и ОБСЕ кои укажуваат дека на последните парламентарни избори во 2016 година, СНС „го злоупотребила мнозинството, ја замаглила разликата помеѓу државната и партискат активност, вршела притисок врз гласачите, особено врз вработените во јавниот сектор“. Резултатот од сето ова е бојкот на опозицијата во Парламентот, бидејќи „тие не чувствуваат дека можат ефикасно да се залагаат за промена на политиката, оценува Фридом Хаус. Во извештајот за 2019 година, како еден од најголемите проблеми во Србија е намалувањето на медиумските слободи. Најлоши примери, се Пинк и Информер, означени како пропагандни билтени на владејачката партија и во помалку екстремни случаи, националната телевизија РТС и Политика кои користат посуптилно провладино известување кое и дава многу малку простор на опозицијата. Во критичките гласови во извештајот се вбројуваат телевизијата Н1 и весникот Данас, наведувајќи дека нивното влијание е ограничено. Настанат како потреба да се разберат социо-политичките промени во пост-комунистичките земји на Европа и Централна Азија, извештајот „Нации во транзиција“ е еден од најзначајните годишни проекти на американската невладина организација Фридом Хаус. Од 1995 година, овој извештај дава преглед на промените што се релевантни за зачувување и промовирање на демократијата, што, покрај заштитата на човековите права и граѓанските слободи, е една од целите на Фридом Хаус. об/ми/

Остани поврзан