• четврток, 26 декември 2024

Фрескоживописот во црквата „Св.Јован Крстител“ во делчевското село Ѕвегор го доби конечниот лик

Фрескоживописот во црквата „Св.Јован Крстител“ во делчевското село Ѕвегор го доби конечниот лик

Делчево, 18 февруари 2024 (МИА) – Во делчевското село Ѕвегор се заврши фрескоживописот во храмот „Свети Јован Крстител“. Фреските се изработија за нецели два месеци со посебна принт техника и потоа се излепија на ѕидовите од храмот, а денес голема благодарност и благослов од Бога за сите донатори кои го помогнаа ова дело упати надлежниот епископ Делчевско – каменички г. Марко и парохиското свештенство.

-Пред неколку месеци се почна фрескоживописот овде во црквата Св. Јован Крстител во с. Ѕвегор и фала му на Бога, еве денеска имаме радост да објавиме дека фрескоживописот е готов. Тоа е една голема радост за жителите од овој крај, бидејќи останува уште малку да се подготви црквата за осветување, истакна г. Марко

Упати благодарност до сите кои помогнаа црквата да дојде до оваа состојба во којашто ќе да биде подготвена за осветување.

-Да се надеваме дека и понатаму ќе имаме радост да соработуваме со луѓе кои сакаат да помогнат, да се заврши фасадата, да се уреди внатре уште и затоа еве еден апел можеби до сите, да се заврши црквата и оваа црква да биде едно светилиште каде ќе се собираат луѓето пред сè за литургија, да се причестуваат со телото и крвта Христови, а и за другите духовни потреби ќе можат да доаѓаат овде и да соцрквуваат, рече г. Марко.

За изработката на фрескоживописот за прв пат се користеше уникатна принт техника, поставување фрески на платно од стаклена прашина со дигитална изработка. Иницијативата е на Делчо Гошев од с. Ѕвегор кој најави дека со помош на помагатели и негови пријатели ќе продолжи изградбата и на внатрешниот дел во црквата.

-Сакам да се заблагодарам на владиката за неговиот благослов, на иконописците за нивната работа и на сите мои пријатели кои успеаја да соберат донации да помогнат, за да ја завршиме најголемата работа за еден храм и да се молиме за здравје на сите, рече Гошев.

Освен внатрешниот дел, како што додаде ќе се бара решение и за изградба на камбанаријата со што храмот „Св. Јован Крстител“ ќе биде завршен во целост. вс/ир

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан