• недела, 24 ноември 2024

Фредериксен повторно ќе формира Влада на Данска

Фредериксен повторно ќе формира Влада на Данска
Копенхаген, 2 ноември 2022 (МИА) – Блокот партии од левиот центар во Данска освои најголем број од гласовите на парламентарните избори, што се смета како гласање за доверба на лидерката на земјата Мете Фредериксен, јави Би-Би-Си. Данската премиерка Фредериксен ќе формира нова влада со 90 места во парламентот. Спротивно на предвидувањата, нејзината Социјалдемократска партија освои две пратенички места што е нејзин најдобар резултат во изминатите две децении. Резултатот од изборите беше неизвесен до крајот на пребројувањето на гласовите, затоа што разликата меѓу „црвениот блок“ од левиот центар на Фредериксен или „синиот блок“ од десниот центар, предводен од либералите на Јакоб Елеман-Јенсен, беше мала. Познавачите претпоставуваа дека ниту една од коалициите нема да освои мнозинство, и нема да може да владее без центристичката партија Умерени, основана од поранешниот либерален премиер Ларс Расмусен. Иако владејачката коалиција сепак не зависи од Умерените, партијата оствари значителни резултати на изборите и стана трета по големина партија во Данска, што се смета за значителен успех со оглед на тоа што е формирана пред пет месеци. „Црвениот блок“ на Фредериксен обезбеди 87 места во континентална Данска. Тие, исто така, освоија едно место на Фарските Острови и се предвидува дека ќе освојат уште две места на Гренланд – автономна територија зависна од Данска која често избира левичарски кандидати. Ова ќе им обезбеди 90 места во парламентот со што ќе имаат едно место мнозинство. Фредериксен беше принудена да распише предвремени избори во октомври по незадоволствата откако за време на летото беше објавен критички извештај за начинот на кој нејзината Влада се справила со убивањето визони низ целата земја на фармите за крзно во екот на пандемијата. Според извештајот, наредбата на Владата да се убијат до 17 милиони визони во 2020 година, немало правна основа. Иако беше утврдено дека Фредериксен не знаела оти наредбата е незаконска, извештајот ја разниша нејзината коалиција, при што една од партиите се закани дека ќе ја повлече својата поддршка за владата, доколку таа не распише општи избори. бд/јт/

Остани поврзан