Француското обвинителство отвори истрага за серијата напади врз затвори
- „Силно ги осудувам овие дела и им наредив на локалните префекти и полициските и жандармерските сили веднаш да ги зајакнат безбедносните мерки во затворските објекти“, рече тој на платформата X.

Париз, 15 април 2025 (МИА) - Француското обвинителство за борба против тероризмот денеска отвори истрага во врска со серијата координирани напади врз неколку затвори во повеќе градови во изминатите два дена, јавија денеска француските медиуми.
Првиот инцидент се случи во неделата во градот Аген, кога седум возила беа запалени на паркингот пред Националното училиште за персонал во јавната администрација, изјави обвинителот Оливие Набуле, пренесе Бфмтв.
Потоа, ноќеска беа нападнати неколку затвори во повеќе градови, на чии паркинзи беа запалени возила, додека во Тулон од автоматско оружје беше пукано врз затворската ограда.
Нападнати се и затворите во Нантер, Марсеј и Ним, објави Бфмтв.
Евидентирани се вкупно 15 инциденти во кои е отворен оган од автоматско оружје во правец на затворските објекти.
Како што изјави извор близок до истрагата, овие напади биле координирани и планирани како одговор на формирањето затвори со највисоко ниво на безбедност и на стратегијата на Министерството за правда во борбата против трговијата со дрога.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретахо по тој повод најави дека побарал да се зајакне обезбедувањето на затворот и чуварите.
„Силно ги осудувам овие дела и им наредив на локалните префекти и полициските и жандармерските сили веднаш да ги зајакнат безбедносните мерки во затворските објекти“, рече тој на платформата X.
Министерот за правда Жерал Дарманен, исто така, зборуваше за нападот врз затворите, осудувајќи ги „обидите за заплашување“.
„Франција се соочува со нелегална трговија со дрога и презема мерки кои сериозно ќе ги нарушат криминалните мрежи. Одговорот на земјата ќе биде решителен и храбар“, нагласи тој.сд/
фото:МИА архива