• четврток, 26 декември 2024

Француски реставратори во посета на Лешок, ќе соработуваат со домашните експерти околу зачувување на црковните фрескоживописи

Француски реставратори во посета на Лешок, ќе соработуваат со домашните експерти околу зачувување на црковните фрескоживописи

Тетово, 12 ноември 2023 (МИА)-Црквата Света Богородица во тетовскиот Лешочки манастирски комплекс каде летово беше најден слој на фрескоживопис од 13 век, како и трослојно ѕидно сликарство ја посетија реставратори, универзитетски професори и стручни лица од Франција кои ќе соработуваат со македонските колеги во насока на зачувување на културното наследство. Неделава конзерваторите од Националниот конзерваторски центар низ повеќе локации во државата ги запознаа колегите од Франција со конзерваторските работи кои се во тек, како основа врз која во иднина може да соработуваат.

Инструментот на Европската комисија-ТАЕКС (Техничка помош и размена на информации) е можноста за оваа соработка и причината за која стручни лица од Универзитетот Париз 1 Партеон-Сорбона да престојуваат во државата со цел да се запознаат со можностите за зачувување на културното наследство.

- Се надеваме дека посетата на странски експерти е еден мал чекор во заштитата,но соработката со истите се мислеше дали да биде работилница или експертска мисија. Се одлучивме за експертска мисија, затоа што мислиме дека прво треба да се запознаат стручњаците од странство со нашите споменици за да можеме понатаму да преземеме конкретни активности во која насока би се одвивале овие работи. Во секој случај е подолгогодишна соработка со нив и со Универзитетот Сорбона. Во оваа прва фаза сега сме да се запознаеме со проблематиките, а за понатаму може да произлезе еден посериозен проект што заеднички ќе го работиме со нашите колеги од Франција, изјави Владо Мукоски, конзерватор за ѕидно сликарство.

Клер Беталу која е професорка на Универзитетот Париз 1 Партеон-Сорбона, како и директорка на Програмата за студии за реставрација, вели дека ова што го видела во Лешочкиот манастир е нешто ново и невообичаено.

- Ова е чудесно, волшебно место, и можноста што ја имам да го разоткријам и да го запознаам со тимот стручни реставратори и конзерватори, овозможува да ја разберам историската важност на оваа градба. Чудесноста ја наоѓам во оваа целисходност и комплексност на градбата. Податокот дека тука се мешаат живописи од 17 и 19 век е навистина за мене нешто неверојатно, нешто ново, нешто прекрасно бидејќи во Франција не постои таква традиција. Традицијата во Франција е да се задржи најновиот слој и да се униформира на некој начин декорот, сликата, изјави Беталу.

Таа и самата е реставраторка и конзерваторка па смета дека има одлична прилика за соработка со колегите од Националниот конзерваторски центар.

- Оваа првична недела има за цел да се запознаеме со македонските колеги, да ги размениме искуствата, да го запознаеме нивниот начин на реставрација и конзервација. Понатаму може да се оформат тимови на размена на знаење бидејќи ова е начин на реставрација што не ни е многу познат во Европа, така што е многу интересна оваа структура, овој проект на размена и се разбира дека има идни можности за соработка, рече Беталу.

Македонските конзерватори откако летово открија повеќеслојно сликарство во црквата во Лешок велат дека аплицирале до Министерството за култура и чекаат средства да продолжат со работата и во текот на наредната година.

- Да се надеваме дека ќе биде поддржан овој проект со поголеми финансии со тоа што динамиката ќе се зголеми во зависност од средствата. Очекуваме да продолжат истражувањата, и очекуваме да најдеме и други откритија. Како што беше големото откритие на Кирил Александриски. Не се надевавме дека ќе дојдеме до трослојно сликарство, така што и самиот проект ја смени динамиката и тие се малце покомплексни работи што треба и како треба да се презентира. Тоа сигурно ќе биде покомплициран зафат затоа што да раслоите три слоја на сликарство, а да го зачувате е навистина реткост, истакна Владо Мукоски.

Во текот на јуни при годинешниве работи на реставрацијата беше откриен трослојниот фрескоживопис од 13, 17 и 19 век во црквата Света Богородица во Лешок. Конзерваторите направија соодветен носач со кој постариот фрескоживопис од 13 век ќе биде покриен со тој од 17 век. По потреба за научните истражувања ќе може да се помести, да се работи и пак да се врати.

Секоја година по 20-тина дена неколку члената екипа на конзерватори работи на заштита на ваквиот вид на културно наследство во црквите стари и по неколку векови. Овие стручни лица посочуваат на потребата од повеќе средства, но и да се образуваат што повеќе луѓе. ас/вг/

фото МИА

Остани поврзан