• недела, 24 ноември 2024

Француската критика за Рисимкин: Брилијантна креација на авангарден кореограф

Француската критика за Рисимкин: Брилијантна креација на авангарден кореограф
Скопје, 25 март 2022 (МИА) - „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е креација која брилијантно покажува колку овој авангарден кореограф со талент и инвентивност го преиспитува кореографскиот гест, движењето и неговата експресивност, се наведува во критиката на Денис Санглард за францускиот журнал, во врска со гостувањето на Рисима Рисимкин со Скопје танцовиот театар, во Националниот театар за современ танц Шајо во Париз. Санглард во својата критика за специјализиран журнал за критички осврти „Un Fauteuil pour L'Orchestre“ за оваа претстава посочува дека секогаш е возбудливо да се открие нов кореограф кој ги исполнува очекувањата. Сепак, како што потенцира, Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар не се нови на сцената на современиот танц. - Македонските танчари се имаат претставено со бројни дела низ светот, но за првпат беа поканети во Франција на задоволството на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Единствено жалиме што претставата се играше само три дена, појаснува Санглард. Тој напомена дека во време на пандемија, која исклучува речиси секаков физички контакт, Рисима Рисимкин го создава она што недостасува, фрустрацијата од отсуството на телото на другиот. Според критичарот, оваа хиперсофистицирана кореографија, како и костимите, светлата и сценографијата се дел од еден апокалиптичен универзум, по малку анкциозен, но во исто време на чуден начин мирен во своето движење, дури и воздржан, додека во заднината се слуша една застрашувачка музика. - Хибриден танц на чудни суштества, мутанти, понекогаш облечени во потпетици. Тела кои осцилираат помеѓу напнатост и релаксација. Гестикулации на ширење и затегнување, постојано под контрола, понекогаш механички и репетитивни, но целосно ослободени од какви било ограничувања. Некои слики се дури и скратени во нивниот импулс, со ненадеен и произволен крај, неодгатлив. Исто како што, во овој проблематичен период, сè беше осудено на една нецелосна состојба, до фрустрација, се наведува во критиката за Рисимкин. Според Санглард, телата во претставата, колку и да се блиску, никогаш не се допираат. „Без разлика дали се заедно или сами, растојанието останува исто, секој е закотвен во својата сфера што не ја напушта, бидејќи сега таа им претставува единствениот универзум, обвинувајќи ја оваа изолација што не ја прекршуваат и покрај обидите и импулсите“. Сепак, како што потенцира, во ова принудно затворање може да се роди чувство на слобода и опиеност. -Убавината и грациозност во солото на жена-лебед е манифест или израз на слобода што и покрај сè останува, чин на отпор. И тоа е несомнено она што ја карактеризира оваа креација означена со печатот на пандемијата. Оваа наметната желба да не се откажуваме и во длабочините на себеси, преку гестикулација на телото, да ја пронајдеме слободата и убавината без којашто не може да има создавање, се вели во критиката на Санглард. Инаку, музиката за претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е на Тони Китановски, сценографија и светла на Матеа Мијановиќ, костимографија на Блогој Мицевски. Настапија танчерите: Анатасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Стефани Шааршмит, Емилија Милак. бт/дма/

Остани поврзан