• среда, 25 декември 2024

Франција се подготвува за најзначајните избори во последниве децении

Франција се подготвува за најзначајните избори во последниве децении

29 јуни 2024

Си-Ен-Ен

Вонредните парламентарни избори во Франција се едни од најважните во последниве децении, и за земјата и за остатокот од Европа. За две недели, Франција би можела да има радикално левичарска или радикално десничарска влада – или да западне во политички ќорсокак ако ниеден блок не освои мнозинство, што би го оставило Париз парализиран додека проблемите се трупаат, и дома и во странство.

Изборите ќе се одржат во два круга на 30 јуни и 7 јули. Како ќе функционираат, кои се клучните играчи и што е на коцка?

Како дојдовме до тука?

Неколку минути откако беше објавено дека неговата партија „Препород“ доживеала пораз на изборите за Европскиот парламент, претседателот Емануел Макрон распиша вонредни национални избори – станувајќи првиот претседател кој го направил тоа од 1997 година. „Препород“ заврши на далечното второ место, со помалку од половина од гласовите што ги освои екстремно десничарската партија Национален собир (НС), партијата на Марин Ле Пен – и само малку пред левичарската коалиција која заврши на третото место.

Макрон не се плаши од храбри одлуки. Првиот пат кога се кандидираше за избрана функција, под партија која ја создаде само една година претходно, стана претседател. Но, дури и според неговите стандарди, ова е огромен ризик.

„Ако неговиот облог успее, ќе биде запаметен како брилијантен стратег“, изјави за Си-Ен-Ен Кевин Арсенокс, политиколог на универзитетот Сианс По во Париз. „Ако не, мислам дека ќе биде запаметен како некој кој суштински го разнел традиционалниот партиски систем во Франција и… фрлил граната врз институциите на Петтата Република.“

Зошто Макрон распиша избори?

Одлуката на Макрон ги изненади дури и неговите најблиски сојузници. Следните избори во Франција не беа предвидени до 2027 година. Политичарите ретко распишуваат избори кога нивната партија заостанува во анкетите и нема потреба да го прават тоа.

Аналитичарите ги анализираа неговите можни мотиви. Иако Макрон беше реизбран за втор претседателски мандат во 2022 година, неговата партија не успеа да освои апсолутно парламентарно мнозинство. За да донесе контроверзни закони како реформата на пензиите, Макрон сè повеќе мораше да го заобиколува парламентот и да прибегнува кон претседателски декрет, на огорчување на опозициските партии и голем дел од јавноста.

Една теорија за тоа зошто Макрон сега распиша избори е дека Франција можеби и така наскоро ќе беше принудена на избори. Секој пат кога Макрон донесува закон со претседателски декрет, според членот 49.3 од францускиот устав, парламентот може да одржи гласање за доверба на неговата влада. Со оглед на тоа што подоцна оваа година се планирани уште буџетски закони, владата на Макрон можеби нема да преживее уште едно такво гласање. Можеби проценил дека е подобро да скокне отколку да биде турнат.

Друга теорија е дека Макрон се коцка дека може да ги победи екстремистичките партии изложувајќи ги на власта. Со Ле Пен која се чини сè поизвесно ќе го наследи како претседател во 2027 година – кога Макрон нема да може да се кандидира за трет мандат – овие избори можеби ќе ја принудат нејзината партија порано да ја преземе одговорноста. Надвор од власт, и радикалната левица и радикалната десница беа во можност да ги критикуваат неговите политики и да даваат необични ветувања. Откако ќе бидат на власт, ќе се соочат со ограничувања и можеби нема да можат да ги исполнат своите ветувања – или едноставно ќе ризикуваат да бидат докажани како неспособни. Откажувањето од малку власт сега, можеби ќе донесе подобра шанса на платформата на Макрон во 2027 година.

Како функционираат изборите?

Француското Национално собрание има 577 места, едно за секоја од нејзините изборни единици. За апсолутно мнозинство, партијата треба да освои 289 места. Во досегашниот состав, алијансата на Макрон имаше само 250 места, па затоа им беше потребна поддршка од други партии за да донесат закони.

Ако кандидат освои мнозинство гласови во првото гласање со 25 отсто излезност, тој го освојува местото. Но, повеќето избори одат во втор круг следната недела. Само оние кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите на регистрираните гласачи имаат право да се кандидираат во вториот круг, што значи дека битката често се води меѓу двајца кандидати, но понекогаш и тројца или четворица. Во оваа фаза, некои кандидати може да се повлечат за да им дадат на сојузниците поголема шанса за победа.

Кои се улогите на парламентот и претседателот?

Националното собрание е одговорно за донесување на домашни закони – од пензии и даноци до имиграција и образование – додека претседателот ја одредува надворешната, европската и одбранбената политика на земјата.

Кога претседателот и мнозинството во парламентот припаѓаат на иста партија, работите одат добро. Кога не припаѓаат, работата на владата може да се закочи. Со партијата на Макрон која заостанува во анкетите и три години преостанати од неговиот претседателски мандат, тој можеби ќе мора да назначи премиер од опозициска партија – во договор познат како „кохабитација“. Сепак, Макрон вети дека ќе го одработи остатокот од неговиот претседателски мандат.

Други владини министри се именуваат од страна на претседателот по препорака на премиерот. Додека Макрон теоретски би бил слободен да номинира кого сака, во пракса тој би бил принуден да номинира министри кои ја одразуваат волјата на мнозинството во Националното собрание.

Кои се клучните играчи?

Во јануари, Габриел Атал – заштитникот на Макрон – стана најмладиот премиер во француската историја, на возраст од 34 години. Само седум месеци подоцна, неговиот рекорд може да биде соборен од Џордан Бардела, 28-годишниот лидер на НС.

Бардела беше избран од Ле Пен да ја води партијата во 2022 година, ставајќи крај на 50-годишното владеење на семејството Ле Пен и продолжувајќи да ја детоксифицира партијата од нејзиното антисемитско и нацистичко минато. Бардела израснал како единствено дете во социјален стан во Сена-Сен-Дени, работничко предградие во Париз. Тој се приклучил на НС кога имал 16 години и накратко студирал на престижниот универзитет Сорбона, пред да се откаже за да се искачи во партиските редови. Ако биде именуван, ќе стане најмладиот премиер во Европа во повеќе од два века.

Кампањата на Бардела беше зајакната откако Ерик Чиоти, лидерот на мејнстрим конзервативната партија Републиканци, изјави дека тие ќе влезат во коалиција со НС. Неговата изјава предизвика гнев кај неговата изненадена партија, која се обиде да го отстрани – досега неуспешно. Поддршката на Чиоти можеби ја означува смртта на францускиот „санитарен кордон“ – принципот според кој мејнстрим партиите одбиваат да соработуваат со радикалните екстреми.

Од страната на левицата, четири дена откако Макрон ги распиша изборите, група партии се здружија за да го формираат Новиот Народен Фронт – коалиција која има за цел да го оживее оригиналниот Народен Фронт кој ги блокираше фашистите од доаѓање на власт во 1936 година. Широката – и потенцијално раздорна – алијанса ги вклучува трикратниот претседателски кандидат Жан-Лук Меланшон, лидер на партијата Нескротлива Франција; Социјалистите; Комунистите; Екологистите; и Плас Публике, предводена од популарниот член на Европскиот парламент (МЕП) Рафаел Глуксман.

Не е јасно кого блокот би го номинирал за премиер, ниту колку долго коалицијата може да биде стабилна. Но, тоа би можело да нанесе удар на „Препород“ на Макрон. Наместо неколку левичарски кандидати да се појавуваат на гласачкото ливче, фрагментирајќи го левичарскиот глас, сега ќе има само еден кандидат во повеќето изборни единици, што ќе го олесни напредокот на кандидатот во вториот круг.

Со какви проблеми може да се соочи новата влада?

Откако Макрон ги распиша изборите, финансиските пазари се исплашија – прво од можноста за екстремистичка влада, потоа од економските политики на левицата и десницата. Порано овој месец, ризичната премија што инвеститорите ја бараат за држење француски државни обврзници достигна највисоко ниво од 2022 година.

Франција има еден од највисоките дефицити во еврозоната и сега ризикува да ги прекрши новите фискални правила на Европската комисија, кои беа суспендирани за да им помогнат на земјите да се опорават од пандемијата на Ковид-19 и енергетската криза. Владините трошења на Франција наскоро би можеле да бидат брутално ограничени од Брисел, и покрај раскошните ветувања на НС и Новиот Народен Фронт.

„Дебатата на левицата и десницата не е за фискална консолидација, туку за степенот на фискална експанзија што сакаат да го спроведат,“ изјави за Си-Ен-Ен Мџтаба Рахман, управен директор за Европа во политичката ризична консултантска компанија Еврасија Груп, .„Никој не зборува за штедење.“

Иако Бардела неодамна ги ублажи некои од плановите за трошење на НС, Рахман предупреди дека може да дојде до „голем судир“ меѓу Брисел и идната француска влада.

Додека овие ограничувања за трошење може да ја спречат идната радикално десничарска влада да ги исполни своите изборни ветувања, истото може да му наштети наместо да му помогне на Макрон.

- Не е јасно дека ако има хаос, тоа неопходно ќе го запре моментумот на крајната десница. Тоа исто така може да му наштети на Макрон. Електоратот може да заклучи дека крајната десница не успеала да ја спроведе својота програма затоа што Макрон бил пречка – и дека начинот да се надмине хаосот е да и се даде на крајната десница мнозинство во 2027 година, рече Рахман.

„Мислам дека сите ќе завршат со крв на рацете – не само крајната десница, туку веројатно и Макрон.“

Каков би можел да биде исходот?

Системот на гласање во два круга ги отежнува предвидувањата. Ако НС стигне до вториот круг во многу изборни единици, луѓето може да гласаат тактички за да ја држат партијата надвор. Но, нивното водство во анкетите сугерира дека се на пат значително да го подобрат резултатот од 88 места што ги имаа во парламентот во заминување – дури и ако не успеат да освојат апсолутно мнозинство.

Најверојатното сценарио е да има парламент без јасно мнозинство, со релативно мнозинство за НС. Но, Бардела изјави дека неговата партија ќе формира влада само ако освои апсолутно мнозинство. Макрон тогаш можеби ќе треба да бара премиер од радикалната левица или од сосема друго место. Франција можеби ќе треба да се определи за „технократска“ влада – но тие обично ги поттикнуваат популистичките тенденции наместо да ги гасат.

Без разлика на составот на следното Собрание, следните три години во Франција најверојатно ќе бидат обележани со нестабилност, додека партиите се обидуваат да останат чисти пред клучните претседателски – и потенцијално парламентарни – избори во 2027 година.

„Една можност е дека во исчекување на тие избори, сите партии во парламентот ќе најдат причини да се блокираат едни со други,“ рече Арсенокс. „Ако дојдеме до таа ситуација, ќе имаме парализирана влада која не е способна да направи ништо.“

Ова веројатно ќе покрене уставни прашања, бидејќи домашните и надворешнополитичките прашања ќе се судрат. Бардела го отфрли испраќањето војници во Украина – идеја предложена од Макрон – и рече дека нема да дозволи Киев да користи француска воена опрема за напад на цели во Русија. Во таа ситуација, чие ќе биде последното – Барделиното или Макроновото?

„Ова е совршен пример за она што не го знаеме,“ рече Арсенокс. „Макрон би можел да рече, ‘Како претседател на Франција, надворешните работи се моја одговорност… така што нема да го спроведам тоа.’ Но, тогаш имате проблем, нели? Ќе имаме уставна криза.“ ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан