• четврток, 26 декември 2024

Франција подготвува список на имот на руски олигарси кој ќе подлежи на санкции

Франција подготвува список на имот на руски олигарси кој ќе подлежи на санкции

Париз, 28 февруари 2022 (МИА) - Франција подготвува список на имот во сопственост на руски олигарси, вклучувајќи луксузни автомобили и јахти што можат да бидат запленети според санкциите на ЕУ воведени по руската инвазија на Украина.

На Француската ривиера долго време имаат имот богати Руси, а многумина летуваат на јахти или во нивните луксузни вили на брегот на Средоземното Море.

„На барање на претседателот, продолжуваме со целосно истражување на финансиските средства, недвижен имот, јахти и луксузни возила (во Франција) кои припаѓаат на руски личности кои се цел на европските санкции“, изјави денеска министерот за економија Бруно Ле Мер.

Тој додаде дека Франција исто така работи на идентификување на имотот на другите Руси кои би можеле да бидат погодени од дополнителни рунди на санкции „поради нивната блискост со руската влада“.

Министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, говорејќи покрај Ле Мер во претседателската палата во Париз, рече дека ќе бидат преземени мерки „за многу краток временски период“ против „руските пропагандни органи“ кои се одговорни за „дезинформации“ во Европа. паг/

Остани поврзан