• сабота, 23 ноември 2024

Франсоа Оланд и препорача на француската Влада да не одржува никакви контакти со Русија

Франсоа Оланд и препорача на француската Влада да не одржува никакви контакти со Русија

Париз, 4 април 2024 (МИА) - Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд денеска препорача француската Влада да нема „никакви контакти“ со Русија откако Москва го искористи во свои пропагандни цели телефонскиот разговор меѓу францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну и неговиот руски колега Сергеј Шојгу, објавија француските медиуми.

-Видовте како Русија го искористи ваквиот разговор и дури сугерираше дека Франција можеби ги поддржала нападите во Москва /.../ Моја препорака е да немате контакт со Русија, рече Оланд на радио „Франс Ентер“

Оланд  беше претседател на Петата република од 2012 до 2017 година.

По нападот во Москва на 22 март, во кој загинаа 144 лица, а одговорноста ја презеде групата Исламска држава (ИД), францускиот министер за вооружени сили Лекорну вчера презеде иницијатива да оствари телефонски разговор со неговиот руски колега Шојгу. Тоа беше прв разговор на ова ниво од октомври 2022 година.

По разговорот, неговиот руски колега рече дека двете земји се „подготвени да разговараат“ за конфликтот во Украина, тврдење кое Париз го негираше. 

Руското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека „се надева“ дека француските тајни служби не биле вклучени во нападот во регионот на Москва.

-Мора да продолжиме да и помагаме на Украина ....... Колку повеќе и помагаме на Украина, толку е поголема шансата овој конфликт да заврши, рече Оланд.

„Бегството од одговорност не го прави мирот, туку способноста, кога се судруваме со авторитарни режими, да покажеме дека постојат граници и дека преминувањето на тие граници води до одредени последици“, истакна поранешниот француски претседател. сд/

Остани поврзан