• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Фрагменти од времето", прва самостојна изложба на Никола Станковски

„Фрагменти од времето

Крива Паланка, 9 април 2025 (МИА) - Во галеријата на Центарот за култура во Крива Паланка од синоќа се поставени педесетина дела од младиот кривопаланечки уметник Никола Станковски, дел од неговата прва самостојна изложба, насловена „Фрагменти од времето".

Изложбата е поддржана од програмата за 2025 година од областа на ликовната дејност на установата што, според вршителот на должноста директор, Даниела Петровска, претставува само една од програмските активности со кои како културна институција ги промовираат и поддржуваат младите креативци и уметници од градот.

- На мојата прва самостојна изложба можете да да видите околу 50 дела: слики од природа, портрети што раскажуваат емоции, сцени од секојдневниот живот, како и животни што ја симболизираат убавината и слободата. Делата се изработени во различни техники како што се маслена техника, акрил, пастел, темперна техника, јаглен, а истите се настанати во различни периоди од моето скромно творечко искуство, пред, за време и по завршувањето на студиите. Благодарам за поддршката од Центарот за култура и од страна на публиката што на мое големо задоволство беше присутна во голем број, за да сведочи на моето прво претставување пред пошироката јавност, истакна Станковски.

Според Вања Јакимовска од Секторот за ликовна дејност на Центарот за култура, Станковски како млад и талентиран уметник со своите импресивни дела допрва ќе го има својот збор во светот на уметноста преку естетиката и емоцијата со кои го креира низ слика духот на времето.

Станковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, на студиска програма сликарство, реставрација и конзервација, во класата на професорката Жанета Вангели.

Преку неговото постојано надградување на уметничкиот стил, тој ги истражува формата, бојата и текстурата низ симбиоза од класични и современи техники, со што ја раскажува неговата визија за светот што го опкружува, со верување дека уметноста не е само креирање и создавање, туку е начин на живеење. ид/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан