• петок, 27 декември 2024

Фото изложба на Петар и Сашо Ставрев за фестивалот „Браќа Манаки“

Фото изложба на Петар и Сашо Ставрев за фестивалот „Браќа Манаки“

Битола, 28 септември 2023 (МИА) - Дваесетина паноа со над 500 фотографии изработени од Петар и Сашо Ставрев сведочат за ѕвездените моменти на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ чие прво издание датира од 1979 година.

Континуираното фотографирање на фестивалот е аманет од Милтон Манаки, посочен на последното негово интервју работено со новинарот Петар Ставрев.

-Продолжи да фотографираш, тоа ти го оставам како аманет, ми рече Милтон Манаки, а два дена потоа почина во Битола. Јас продолжив, и така е ден денес, го следам и фотографирам фестивалот. Сум фотографирал плеjада уметници, меѓу кои Киро Билбиловски, првиот камерман на македонскиот филм „Фросина“, Велко Булајиќ, режисер на култниот филм „Битката на Козара“ и други бројни уметници, актери, режисери, камермани, светски познати ѕвезди кои биле гости на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, истакна Ставрев, кој љубовта кон фотографијата ја пренесува на неговиот син, Сашо Ставрев, исто така професионален фотограф.

Во промотивниот збор за изложбата, новинарката Жанета Здравковска нагласи дека таткото Петар Ставрев и синот Сашо Ставрев се хроничари на Битола кои фестивалот „Браќа Манаки“ го овековечиле со илјадници фотографии.

Изложбата, почнувајќи од првото издание на фестивалот во 1979 година е поместена во прес-центарот на ИФФК „Браќа Манаки“, во битолскиот Офицерски дом. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан