• недела, 24 ноември 2024

Фотографот Зоран Андонов добитник на една од најпрестижните фотографски награди

Фотографот Зоран Андонов добитник на една од најпрестижните фотографски награди
Тетово, 8 мај 2022 (МИА) - Тетовскиот фотограф Зоран Андонов е добитник на прва награда на годинашната изложба „Денови на македонска фотографија“ на Фотосојузот на Македонија по избор на стручно жири. Наградата е за фотографијата насловена „Тома“, а е во категорија на поединечна фотографија. Освен првата награда на изложбата „Денови на македонска фотографија“ примени се уште две фотографии на Андонов, што ќе бидат претставени на изложбата која ќе биде отворена на 28 мај. Авторот ја направил оваа фотографија во текот на 2021 година, а интересно е тоа што на неа е претставен друг фотограф. Ова е најголема награда за Зоран во повеќедеценискиот фотографски стаж, со оглед дека е едно од неколкуте најпрестижни признанија за работата на фотографите. - Фотографијата „Тома“ е направена минатата година, кога како претставник на Фотосојузот на Македонија престојувавме на една многу интересна манифестација, која се вика „Самит на ексјугословенски сликари“, што традиционално се одржува во Лесковац. На таа манифестација доаѓаат врвни фотографи од поранешните југословенски републики. На самата фотографија е снимен доајенот на југословенската фотографија, еден од најзначајните фотографи, Тома Петернек (Томислав Петернек), вели Андонов. Фотографијата настанала сосема случајно, додека се одвивал кафе-разговор за време на манифестацијата. - Тоа беше еден момент кога седевме во еден пријатен разговор навечер, и неговата сенка и неговата карактеристична фигура, неговиот шешир и луле се оцртуваа на заднината од ѕидот. Го искористив тој момент и направив две-три фотографии и толку беше, се промени позицијата неговата. Таа една фотографија навистина беше добра и стручното жири на манифестацијата „Денови на македонска фотографија“, тројца најеминентни македонски фотографи, Боро Рудиќ, Цветан Гавровски и Владимир Арсовски, со највисоки звања во македонската фотографија, изјави Андонов. Покрај наградената фотографија „Тома“ во поединечна конкуренција за претставување на изложбата „Денови на македонската фотографија“ примени се уште две негови фотографии - „Девојка на прозорецот“, во поединечна конкуренција и „Моменти од трагедијата“ во категоријата документарна фотографија. - Фотографијата „Моменти од трагедијата“ е направена за време на трагичниот настан, пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година. „Девојка на прозорецот“ е направена во истата здравствена установа во еден работен ден кога како новинари сме биле во очекување на изјава во кругот на болницата, вели Андонов. Сите три фотографии ќе бидат дел од изложбата на 102 фотографии кои се избрани да бидат изложени и претставени пред пошироката публика на манифестацијата „Денови на македонска фотографија“, која треба да се одржи на 28 мај. Освен сениори поединечна фотографија, на изложбата има фотографии во категориите сениори колекции, документарна фотографија и младинци поединечна фотографија. - Освојување на една ваква награда на многу значајна манифестација, посебно во годината кога се слави 60-годишниот јубилеј, навистина претставува голема чест за мене лично. Секоја награда е значајна за секој фотограф, посебно што ќе се добие награда на една ваква јубилејна манифестација значи уште повеќе. Секако наградите се еден дел од работата на фотографот. Јас сум учествувал и на многу изложби каде не сум добивал награди, но ми било чест со мојата фотографија да се претставам пред публиката, објаснува тетовскиот фотограф. Тој со фотографија се бави повеќе од 30 години. Започнал како член во Фотостудиото при Домот на културата во Тетово. Потоа е еден од основачите на Фото-киноклубот „Чкрап“, каде е активен и сега. До 2001 година фотографирал и изработувал сам аналогни фотографии, а оттогаш дигитални фотографии. - Досега сум учествувал на седумдесетина домашни и странски изложби на фотографија од каде имам добиено повеќе награди, а сум имал и четири самостојни изложби. Од 2012 година носител сум на звањето „фотограф прва класа“ на Фотосојузот на Македонија. Сега сум член на Извршниот одбор на Фотосојузот на Македонија, вели Андонов. Тој е и повеќедецениски новинар, а паралелно изработувал и фотографии за новинарски текстови. - Во својата новинарска кариера сум работел како новинар-фотограф за дневните весници „Вест“, „Дневник“ и „Утрински весник“. Повеќе мои фотографии од важни настани што се случиле во Тетово биле објавени во повеќе светски весници и преземени од најголемите новинарски агенции. Сега работам како новинар-фотограф за електронската редакција „Сакам да кажам“ како дописник од Тетово, вели Зоран. „Денови на македонска фотографија“ на Фотосојузот на Македонија е најзначајниот настан на кој фотографите од Македонија изложуваат веќе 60 години и ќе се слави овој јубилеј. Сите овие години ја организа Фотосојузот на Македонија, кој минатата година ја прослави 75-годишнината од своето формирање. Александар Самарџиев

Остани поврзан