• четврток, 19 декември 2024

Форум на Машински факултет: Зелени вештини за добро платени работни места 

Форум на Машински факултет: Зелени вештини за добро платени работни места 

Скопје, 17 октомври 2024

Зелениот развој и транзицијата кон зелена економија отвораат нови можности за вработување, а како до нив беше, тема на Форумот „За развиена зелена економија потребни се зелени вештини“, што се одржа на Машински факултет. Форумот е во рамките на „Саемот за пракса и вработување“, кој се одржа на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студентите имаа можност да слушнат од експерти и професори за тоа како зелениот развој и транзицијата кон зелена економија отвораат нови можности за вработување, додека Машинскиот факултет, преку своите програми, ги подготвува за идните предизвици со стекнување на практични и теоретски знаења потребни за оваа трансформација.

Според проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет, транзицијата кон зелена економија е суштинска за иднината на нашето општество и зелените вештини се клучни за успехот во овој процес. Како што тој нагласи,  Машинскиот факултет ги следи глобалните трендови и посветено работи на усовршување на своите програми за да ги подготви студентите со вештини кои се неопходни за иднината. 

„Ние активно ги вградуваме концептите на одржливи технологии, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во нашиот образовен процес. Нашите студенти добиваат не само теоретска основа, туку и практични знаења кои ги подготвуваат за директно вклучување на пазарот на трудот, особено во секторите што произлегуваат од зелената транзиција. Машинскиот факултет е горд што создава кадар кој е подготвен да одговори на предизвиците на современата економија и да биде двигател на одржливиот развој. Веруваме дека нашите дипломци се меѓу најподготвените професионалци за идните работни места во зелената економија, кои не само што ја зголемуваат нивната вработливост, туку и придонесуваат кон позитивни општествени промени“, рече проф. д-р Поленаковиќ.

Проф. д-р Валентина Гечевска, про-ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје  пред студентите се осврна на новите можности кои ги создава циркуларниот пристап во економија и  развивањето на технологии со кои отпадот се користи како нова суровина.

„Во овој контекст, Машинскиот факултет отсекогаш бил проактивен, се обидува новите нешта, она што е актуелно, најважно, она што се случува во Европа и светот да го донеси и соопшти на студентите.  Секоја година предавањата не може да бидат исти, затоа се надградуваат за да бидат динамични, а студиските програми се прилагодуваат на темите кои ги наметнуваат циркуларниот пристап во економијата и дигиталната трансформација“, рече проф. д-р Гечевска

Орце Симов, потпретседател на Сојуз на стопански комори и извршен директор на ИКТ комората пред присутните студенти на Форумот, даде свое мислење за тоа како македонската економија да се оспособи во услови на зелена транзиција и дигитална трансформација, притоа остварувајќи поголем раст и поголеми и поконкурентни плати за вработените. 

„Овие два тренда, се трендови кои се неминовни и не можат да се избегнат. Тие можеби можеме да ги разгледуваме како предизвици, но и како можности кои би овозможиле македонската економија да генерира повеќе приходи. Можности да се внесат повеќе финансиски средства во државата. Нашето стопанство треба да размислува како да ги организира процесите како да се користи помалку енергија и минерални суровини, и како повеќе да се рециклира, како производите да се произведуваат со помала емисија на јаглерод диоксид“, рече Симов, притоа нагласувајќи дека дигиталната трансформација е прашање дали компаниите ќе опстанат или не, затоа што секоја дигитализирана компанија ќе дава подобри и поефикасни услуги и производи, со кои преку намалени трошоци и зголемени приходи ќе се постигнат задоволни клиенти. 

На Форумот пред студентите се обрати и Борјан Борозанов, генерален директор на „Џонсон Мети“, кој зборуваше  за глобалните трендови во автомобилската индустрија на прилагодување ко  забрзаната транзиција кон зелена економија и нагласената потреба од декарбонизација.

Веле Самак, директор за приходи во „Микросам“ од Прилеп, даде свое гледиште за можностите кои за студентите и идните машински инженери ги носи транзицијата кон се поголема употреба на водород како енергенс и за предизвиците кои произлегуваат од потребата за развој на методи за побрзо складирање, полесен и поевтин транспорт на енергија. 

Машински факултет

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан