• вторник, 24 декември 2024

Во руралните општини помалку се говори за семејното насилство, законската регулатива функционира само на хартија

Во руралните општини помалку се говори за семејното насилство, законската регулатива функционира само на хартија

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Во руралните општини помалку се говори за семејното насилство. Законската регулатива во нашата држава функционира само на хартија. Овие се дел од заклучоците изнесени на денешниот Форум на Заедница на единиците на  локалната самоуправа (ЗЕЛС) „Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство“, која се приклучува на годинашната кампања - 16 дена активизам: #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски истакна дека во моментот имаме законска регулатива за заштита на жртвите од семејно насилство која, како што рече, за жал функционира само на хартија. Потенцира дека има одредени аномалии во тој процес кои во наредниот период ќе треба да се надминат. 

- За тоа ќе биде потребна не само оваа средба, туку и уште низа средби на кои заеднички ќе дискутираме. Како и за останатите законски измени за кои се залага изминатиов период ЗЕЛС и ова ќе биде законска измена која нема да се направи брзоплето и да реши одредени проблеми на краток рок. Ни требаат законски решенија во кои ќе бидат антиципирани сите аномалии од системот кои со години создаваат одредени проблеми во начинот на функционирање на централната и локалната власт или недавајќи можност заеднички да се преземе одредено дејствие. Во руралните општини помалку се говори за семејното насилство и помалку се охрабруваат жените кои се жртви на семејно насилство да го изнесат јавно тој проблем. Ние во Кисела Вода имаме шелтер центар, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека тие имаат доста надлежности што им се префрлени, но за истото, како што рече, немаат средства како локална самоуправа.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски не ја знаеше точната бројка на шелтер центрите што постојат во државава оти, како што рече, не се функционални сите што стојат на хартија. Тој информира дека изготвуваат осумгодишна Стратегија за заштита на услугите за жртвите од семејно насилство.

- Го отворивме прашањето за оној предизвик што следи во иднина и како централната заедно со локалната ќе имаат можност да ги пружат услугите најдиректно до на оние што им е најпотребно. Ќе работиме најдиректно на овој сегмент и крајната цел на сите нас е да понудиме услуги што ќе бидат најквалитетни, а не како досега да постојат на хартија. Министерството ќе изготвува стратегија која ќе биде осумгодишна, која ќе биде изработувана од луѓе од Министерството за социјална политика, демографија и млади, меѓутоа со директна комуникација со сите чинители, а тоа се сите центри за социјална работа, претставниците на локалната самоуправа и ЗЕЛС, за да можеме да изработиме стратегија која ќе значи најдиректна поддршка и процес кои ќе бидат најквалитетни и издржани за оваа проблематика, рече Велковски.

Нена Смилевска од Организацијата на жени од Град Скопје информира дека оваа организација има два сервиси кои работат со семејно насилство - СОС насилната линија 15700 која работи 30 години и сопствен шелтер центар за згрижување на жени и деца жртви од семејно насилство.

-Шелтерот работи за целата територија на државата. Во моментов имаме згрижено три жени со четири деца. Самиот престој во шелтерот обезбедува сигурност, психо-социјална поддршка бидејќи сметаме дека тоа е најпотребно за жената која ќе ја добие психо-социјалната поддршка и кога ќе и се врати самодовербата и ќе сака сама да се обиде понатаму да оди низ животот. Освен условите кои ги има за бесплатна храна, обувки, облека и медикаменти, ние приоритет ставаме баш на психо-социјалната поддршка, рече Смилевска. фф/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан