• недела, 24 ноември 2024

Формиран првиот музички бенд на деца и млади со оштетен вид „Звучен бран“

Формиран првиот музички бенд на деца и млади со оштетен вид „Звучен бран“

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - По повод „Денот на белиот стап“ посветен на достигнувањата на лицата со оштетен вид, во училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје беше формиран прв музички бенд насловен како „Звучен бран“, при што им обезбеди донација поддржана од Сојузот на ротари клубови на Македонија.

Со донацијата, како што известуваат од училиштето,  учениците добија комплет тапани (5 парчиња), две електрични гитари, засилувач за гитара и два микрофона при што  со веќе постоечките музички инструменти, училиштето го комплетираше својот прв музички бенд. Во рамки на училиштето функционира и верификувано нижо музичко училиште каде се промовира и практикува индивидуален пристап на деца од 7 до 14 години, учејќи теорија на музика и свирење на музички инструменти: пијано, хармоника и кларинет.

Долгогодишна идеја и желба на училиштето и на колегите кои работат во нижото музичко е да се оформи школски бенд кој може да не претставува на локални и меѓународни натпревари и настани. Со тоа да се промовира афирмација и инклузија на лицата со оштетен вид во општеството. Но, „Димитар Влахов“ се соочуваше со значителни финансиски проблеми за одржување на часовите по музика, со оглед на застарените музички инструменти или нивен недостаток“, вели Бобан Спасенцовски, директор на Училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Тој посочи дека по набавка на инструментите, проектот на ротари клубовите предвидува да се продолжи со бесплатна едукација и менторство на децата и младинците од страна на стручни лица од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје,  затоа што, главна цел на училиштето е да обезбеди квалитетно образование на учениците, користејќи современи методи и форми на работа кои го поттикнуваат развојот на општата култура.

Ротари клубовите даваат придонес кон надминување на бариерите за ранливите групи со нивно вклучување во главните образовни и музички текови во земјата и пошироко и во обезбедување еднакви можности за младите и децата со оштетен вид, вели Иво Ивановски, претседател на Ротари клуб Скопје Север,  

Александар Зарков,претседател на Ротари клуб Скопје Исток, апелираше до сите лица и компании, согласно своите можности, да им помагаат на ранливите групи во општеството. Тој смета дека овие категории на  лица имаат потреба од поддршка со активности и проекти кои ќе им го олеснат животот и ќе им помогнат во нивна професионализација.

Во моментот, во „Димитар Влахов“ функционира основно училиште со 33 ученици и средно училиште со 15 ученици. Во училишниот интернат се регистрирани 15 ученици. Наставниот процес го одржуваат 30 наставници. Училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид постои повеќе од 60 години. Неговата задача и цел е да ги едуцира и рехабилитира децата и младите со оштетен вид до степен на независност за професионален и личен живот. љм/дма/

Фото: Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“

Остани поврзан