• петок, 27 декември 2024

Формирано Работно тело за измени на Законот за урбано зеленило 

Формирано Работно тело за измени на Законот за урбано зеленило 

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше формирано Работно тело за измени на Законот за урбано зеленило.

Како што информираат од Зелен Институт, работното тело е составено од експерти, претставници на институции и еко-активисти. 

- Ова е прв состанок на кој присутните дадоа поддршка за предложените законски измени, за да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите. Овие измени добија поддршка и од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, со кои се одржа состанок пред неколку дена во Парламентот, стои во соопштението од Зелен Институт. 

На состанокот биле претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци.

- Се бара: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполета норма за зеленило, образложуваат од Зелен Институт.

Оттаму дополнуваат дека овие предлози призлегле од анализата на законите, во која биле вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. 

Предлог-измените на законот биле претставени од тим од проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што го води Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг ,,Ханс Ем”, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.

Во дискусијата учествувале претставници од Министерството за животна средина, Градот Скопје, општините Центар и Аеродром, независните советници Горјан Јовановски и Јане Димески од Градот Скопје и општина Центар, еко-активистите Татјана Чакулев и Дејан Димитровски, како и Лилјана Поповска од Зелен институт, Кирил Ристовски од Флорозон, Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби и Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки и од неа, како што инфорирмираат од Институтот, произлегле и неколку дополнувања и допрецизирања на одредби.

Активноста е поддржана преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од страна на Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници - МЗПМ и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. ар/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан