• петок, 27 декември 2024

Форд: САД сè уште не се подготвени да се натпреваруваат со Кина во производството на е-возила

Форд: САД сè уште не се подготвени да се натпреваруваат со Кина во производството на е-возила

Мичиген, 19 јуни 2023 (МИА) - САД се уште не се подготвени да се натпреваруваат со Кина во производството на електрични возила, предупреди извршниот претседател на компанијата „Форд“, Бил Форд, нагласувајќи дека мора да бидат подготвени и за битката за домашниот пазар.

„Многу брзо и во големи размери развија електрични автомобили. А, сега ги извезуваат. Во САД ги нема, но, според нас, ќе дојдат во одреден момент. Мораме да бидеме подготвени и се подготвуваме“, изјави шефот на американскиот автомобилски гигант.

Во февруари, Форд објави дека ќе инвестира 3,5 милијарди долари за изградба на фабрика за батерии за електрични возила во Мичиген, како дел од договорот кој вклучува употреба на технологија од кинеската компанија за батерии CATL.

Бил Форд, правнук на основачот на компанијата Хенри Форд, претходно рече дека фабриката за батерии во Мичиген ќе обезбеди можност за инженерите на Форд да научат за технологијата и потоа самите да ја користат.

„Тој објект е во целосна сопственост на Форд. Тие ќе бидат наши вработени, а ние ќе имаме само лиценца за технологијата, тоа е се“, рече тој.

Во мај, извршниот директор на Форд, Џим Фарли, рече дека кинеските производители на електрични возила се нивни главни конкуренти, додавајќи дека на Форд му треба препознатливо брендирање или помали трошоци за да ја победи кинеската конкуренција.

„Мислам дека нашите главни конкуренти се Кинезите, а не Џенерал Моторс или Тојота. Кинезите ќе бидат сила“, рече Фарли. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан