• сабота, 23 ноември 2024

„Форбс“: Французите Бернар Арно и Франсоаз Бетанкур Маерс се најбогат маж и најбогата жена во светот

„Форбс“: Французите  Бернар Арно и Франсоаз Бетанкур Маерс се најбогат маж и најбогата жена во светот

Париз, 4 април 2023 (МИА) - Извршниот директор на групацијата за луксузна стока ЛВМХ (LVMH), Бернар Арно, и наследничката на козметичкиот бренд „Лореал“, Франсоаз Бетенкур Маерс, се најдоа на врвот на листите на „Форбс“ за најбогат маж и најбогата жена во светот годинава.

Двајцата Французи ги предводат листите на најбогати за 2023 година што „Форбс“ ги објави денеска.

Минатата година Бернард Арно беше трет на листата на најбогати луѓе во светот, а на врвот беше Илон Маск, сопственикот на „Тесла“, Твитер и „Спејсикс“  (Tesla, Twitter и Spacex), а на второто место беше Џеф Безос, основачот на Амазон (Amazon).

Меѓутоа, минатиот декември францускиот милијардер изби пред нив и со своето семејство стана најбогатиот човек на светот, и тоа според ранкингот „во реално време“ на Форбс, која зависи од моменталната вредност на акциите на берзите и девизните движења.

На врвот на листата на најбогати луѓе во светот објавена денеска, богатството на Арно се проценува на 211 милијарди долари, што според „Форбс“ е пресметано врз основа на цената на акциите и вредноста на девизниот курс на 11 март 2023 година.

Илон Маск е втор најбогат со богатство проценето на 180 милијарди долари, пред Џеф Безос (114 милијарди долари), ко-основачот на софтверот на „Оркал“ (Oracle), Лери Елисон (107 милијарди долари) и бизнисменот Ворен Бафет (106 милијарди долари).

Франсоаз Бетанкур Маерс и нејзиното семејство се 11-ти најбогати во светот со 80,5 милијарди долари, а трета година по ред е на првото место меѓу најбогатите жени во светот.

Таа беше на врвот на листата на најбогати жени и во 2019 година, кога ја наследи нејзината мајка Лилијан Бетенкур, која беше првата најбогата жена во 2016 и 2017 година.

„За прв пат од објавувањето на листата, најбогати маж и жена во Франција се воедно и најбогати во светот. Двоен показател што зборува за силата на француската економија и покрај кризите низ кои директно или индиректно минува земјата“ , се наведува во соопштението на филијалата на „Форбс“ за Франција.

„Форбс“ во Франција бележи вкупно 43 милијардери, од кои седум се жени, чие вкупно богатство од 2022 година е зголемено за 20,6 отсто. сд/

Остани поврзан