• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен ја откажа средбата со премиерот на Србија бидејќи се сретнал со руски министер

Фон дер Лајен ја откажа средбата со премиерот на Србија бидејќи се сретнал со руски министер

Белград, 25 октомври 2024 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја откажа средбата со српскиот премиер Милош Вучевиќ закажана за денеска за време на нејзината посета на Белград, а причина беше неговата денешна средба со рускиот министер за економски развој Максим Решетњиков, јави Н1 Хрватска повикувајќи се на белградски медиуми.

Фон дер Лајен пристигна во Белград во рамките на својата четиридневна турнеја низ Западен Балкан, а претходно денеска, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека длабоко верува оти иднината на Србија е во Европската Унија, но конкретно не го процени времето на можниот прием, нагласувајќи дека тоа е „процес на усогласување со ЕУ, кој го дефинира процесот на пристапување“ на секоја земја поединечно.

Откажувањето на средбата Фон дер Лајен-Вучевиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдил портпаролот на ЕК Ерик Мамер, а за АФП шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре.

- Го откажавме состанокот со (српскиот) премиер по (неговиот) состанок со министерот за економија на Руската Федерација, додаде Жофре и, според извештајот на агенцијата Бета, изјави дека „таму била назначена намерата на Србија да ги зајакне своите економски односи во други области со Руската Федерација“. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан