• сабота, 23 ноември 2024

Фон дер Лајен: Расната дискриминација е спротивна на вредностите на ЕУ

Фон дер Лајен: Расната дискриминација е спротивна на вредностите на ЕУ
Брисел, 30 јули 2022 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска  истакна дека „расната дискриминација“ е спротивна на вредностите на ЕУ, одговарајќи на прашањето поврзано со изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „мешање на расите“. Иако експлицитно не ги осуди изјавите на унгарскиот лидер, кои предизвикаа револт пред се во Вашингтон, Фон дер Лајен потсети дека „сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Унгарија“ треба да ги почитуваат заедничките универзални вредности за кои не се „преговара“. „Да се ​​дискриминира врз основа на раса е да се погазат вредностите содржани во европските и меѓународните договори“, рече Фон дер Лајен во интервју за словачкиот портал aktuality.sk. Таа додаде дека „Европската унија е основана на еднаквост, толеранција, чесност и правда“. Фон дер Лајен досега јавно не реагираше на изјавите на Орбан. Портпаролот на Европската комисија, запрашан во вторникот, рече дека ЕК „никогаш не ги коментира изјавите на европските политички претставници“. Европскиот парламент денеска ги критикуваше изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „мешање на расите“. „Ние, лидерите на политичките групи во Европскиот парламент, силно ги осудуваме неодамнешните отворено расистички изјави на премиерот Орбан дека не сака ‘луѓе од мешана раса’“, се вели во соопштението. „Ваквите неприфатливи изјави, кои јасно ги нарушуваат нашите вредности содржани во европските договори, немаат место во нашите општества“, додава ЕП.
За време на говорот во Романија минатата недела, Орбан рече дека „постои свет во кој Европејците се мешаат со луѓе кои пристигнуваат“ надвор од континентот, што е „свет на мешани раси“. Од друга страна, продолжи Орбан, „тука е Карпатскиот басен каде Европејците како Унгарците, Романците и Словаците се мешаат меѓу себе“. „Подготвени сме да се мешаме, но не сакаме да станеме мешана раса“, рече Орбан. Во четвртокот унгарскиот премиер во Австрија негираше дека е расист.
„Понекогаш се случува да ги формулирам своите изјави на таков начин што тие се погрешно разбрани“, рече тој за својот говор пред унгарското малцинство во Романија. паг/
   

Остани поврзан