• среда, 25 декември 2024

Фон дер Лајен: Приемот на нови членки во ЕУ е наша морална, историска и политичка одговорност (ДПЛ)

Фон дер Лајен: Приемот на нови членки во ЕУ е наша морална, историска и политичка одговорност (ДПЛ)

Стразбур,18 јули 2024 (МИА) - Европското соседство е нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент.

- Ќе ги поддржиме кандидатите за членство, работејќи на инвестиции и реформи и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе се погрижиме сите земји да бидат подготвени, пред да се приклучат. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и тоа ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.  

Според неа, во денешниот свет проширена Унијата би била посилна Унија, би го зајакнала својот глас во светот, би гарантирала намалување на нејзината зависност и би обезбедила гаранции дека демократијата, просперитетот и стабилноста се шират низ Европа.   

- Длабоко сум убедена дека историјата повторно не повикува. Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија нивниот слободен избор. Тие избраа слобода наместо угнетувањето, тие избраа демократија наместо зависност и некои од нив плаќаат многу висока цена за овој избор. Затоа ние мора да го направиме нашиот избор и да искажеме цврста посветеност дека нивната иднина ќе биде слободна и просперитетна во нашата Унија, истакна Фон дер Лајен.  

Според неа, во свет полн со неволји, судбината на Европа зависи од изборите за во иднина, бидејќи тие ќе го дефинираат местото на ЕУ во светот за во следните 50 години. 

- А изборот се сведува на тоа дали ќе бидеме обликувани од настаните и светот околу нас или ќе се здружиме и ќе ја градиме нашата иднина за самите себе. И тој избор е наш. Европа не може да ги контролира диктаторите и демагозите ширум светот, но може да избере да ја заштити сопствената демократија. Европа не може да ги одреди изборите ширум светот, но може да избере да инвестира во безбедноста и одбраната на сопствениот континент. Европа не може да ја запре промената, но може да избере да ја прифати со инвестирање во ново доба на просперитет и подобрување на квалитетот на нашиот живот, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека во ЕУ сега владее „период на длабока вознемиреност и неизвесност за Европејците“, кога семејствата ги чувствуваат последиците од зголемените трошоци за живот и домување, младите се загрижени за Планетата, нивната иднина и можностите за војна, а компаниите и земјоделците се чувствуваат притиснати.  

- Се ова се симптоми на свет во кој се е оспорувано. Има јасен обид да се поделат и поларизираат нашите општества. Длабоко сум загрижена за овие трендови. Но, убедена сум дека Европа, силна Европа, може да одговори на предизвикот. И затоа денеска ја барам вашата доверба. Затоа што, исто како и вие, јас дојдов во политиката за да направам промена за целото општество да испорачам за генерацијата на моите деца и внуци, како што направија оние кои беа пред нас, истакна кандидатката за потпретседателка на ЕК. 

Фоб дер Лајен истакна дека никогаш нема да стои и да гледа како ЕУ се распарчува од внатре или однадвор и нема да дозволи прифаќање на екстремната поларизација на европските општества и на демагозите и екстремистите кои го уништуваат европскиот начин на живот.  

- И јас стојам овде денеска подготвен да ја водам оваа борба со сите демократски сили овде во овој дом, потенцира Фон дер Лајен. 

Тоа, според неа е визијата на нејзините политички насоки за работа во следните пет години на чело на Европската комисија.  

- Визија за посилна Европа која обезбедува просперитет, која ги штити луѓето и која ја брани демократијата. Посилна Европа која обезбедува социјална правичност и ги поддржува луѓето. Посилна Европа која го спроведува она што го договора на фер начин. И која се држи до целите на Европскиот зелен договор со прагматизам, технолошка неутралност и иновации. Внимателно ги слушав демократските сили во овој Парламент и убедена сум дека тие го одразуваат она што е заедничко за сите и покрај разликите кои се здрави во секоја демократија, рече Фон дер Лајен. 

Како свој прв приоритет таа ги посочи просперитетот и конкурентноста во услови на промени во глобалната економија, каде оние кои не се конкурентни ќе станат зависни.  

- Треба да го продлабочиме нашиот единствен пазар. Ни треба помалку зборување, помалку бирократија и повеќе доверба, подобро спроведување и побрзо издавање дозволи и ќе се погрижам да бидеме одговорни за ова, истакна Фон дер Лајен, најавувајќи назначување потпретседател на ЕК задолен за координирање на овие активности, како и зголемена поддршка за малите и средни претпријатија, кои ги оцени како „срце на економија“ на ЕУ. 

Таа најави и имплементација на Зелениот договор, останувајќи на целите поставени со него за до 2030 и 2050 година. 

- Ова е причината зошто ќе предложам нов договор за чиста индустрија во првите 100 дена. Тоа ќе ги канализира инвестициите во инфраструктурата и индустријата, особено за енергетски интензивните сектори. Ова ќе помогне да се создадат водечки пазари во се - од чист челик до чиста технологија. Мора да бидеме побрзи и поедноставни. Затоа што Европа истовремено се декарбонизира и индустријализира. На нашите компании им треба предвидливост, за нивните инвестиции и иновации, рече Фон дер Лајен. 

Според неа, новиот договор за чиста индустрија ќе придонесе за намалување на трошоците за енергија, бидејќи високите сметки за енергија се главен двигател на енергетската сиромаштија на луѓето.  

- Не заборавив како Путин не уценуваше отсекувајќи не од руските фосилни горива. Но заедно издржавме. Масовно инвестиравме во домашни евтини обновливи извори и тоа ни овозможи да се ослободиме од валканите руски фосилни горива. Затоа, заедно, ќе се погрижиме да заврши ерата на зависност од руските фосилни горива. Еднаш и засекогаш, нагласи таа. 

Фон дер Лајен посочи и дека Европа и се потребни повеќе инвестиции во земјоделството, индустријата, дигиталните и стратешки технологии, но и во луѓето и нивните вештини, па затоа следните пет години трба да бидат време на инвестирање, кое ќе започне со заокружување на единствениот пазар на капитал и мобилизирање на зголемени приватно финансирање.  

- Ни треба поголем инвестициски капацитет. Нашиот нов буџет ќе биде зајакнат... Ќе предложам нов европски фонд за конкурентност, кој ќе биде фокусиран на заеднички и прекугранични европски проекти кои ќе ја поттикнат конкурентноста и иновативноста, особено за поддршка на Договорот за чиста индустрија, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека иднината на европскиот просперитет мора да се создава во Европа. 

Според неа, ЕУ мора да инвестираме повеќе и во својата безбедност и одбрана во услови на руската агресија врз Украина и обидите на Русија да ги искористи Европа и Западот. 

- А некои, во Европа, си играат со неа. Пред две недели, премиер од ЕУ отиде во Москва. Оваа т.н. мировна мисија не беше ништо друго освен мисија за смирување. Само два дена подоцна, авионите на Путин ги насочија своите проектили кон детската болница и породилиштето во Киев... Тој напад не беше грешка. Тоа беше порака. Застрашувачка порака од Кремљ до сите нас. Значи, почитувани пратеници, нашиот одговор мора да биде исто толку јасен. Никој не сака мир повеќе од народот на Украина. Праведен и траен мир за слободна и независна земја и Европа ќе стои зад Украина онолку долго колку што е потребно, порача Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека ЕУ мора да и даде на Украина се што и е потребно за да се спротивстави и да извојува победа во услови кога првпат по децении европската слобода е под закана.  

- Наша одговорност е да направиме се што е потребно за да ги заштитиме нашите европски граѓани. Заштитата на Европа е должност на Европа. Затоа верувам дека сега е време да се изгради вистинска европска одбранбена унија, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека во таквата унија земјите членки ќе ја задржат одговорноста за нивната национална безбедност и армии, а  НАТО ќе остане столб на колективната одбрана на блокот.  

Според неа, земјите членки на ЕУ мора да ги зголемат трошоците за одбрана, да создадат единствен одбранбен пазар и повеќе да инвестираат во висококвалитетни одбранбени капацитети. 

- Безбедноста не се однесува само за надворешните закани. Кибер и хибридните закани растат. Организираните криминални мрежи се инфилтрираат во нашата економија и повеќето од нив користат корупција. Тие со своето брутално насилство предизвикуваат страв и смрт на невини луѓе. Тие заработуваат огромни суми пари од шверц на дрога, уцени, измами, трговија со луѓе и не се ограничени со националните граници. Неопходно е да одговориме на оваа растечка закана на европско ниво. Мораме да се погрижиме полицијата да работи низ Европа без граници. Затоа ќе предложам двојно зголемување на персоналот на Европол и зајакнување на неговиот мандат. Сакам Европол да стане навистина оперативна полициска агенција, рече Фон дер Лајен. 

Таа вети зголемување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ и зајакнување на Фронтекс, бидејќи како што потенцира побезбедните граници ќе помогнат за справување со миграцијата на поструктуриран и праведен начин.  

- Пактот за миграција и азил е огромен чекор напред. На миграциските предизвици им е потребен европски одговор со фер и цврст пристап заснован на нашите вредности, порача Фон дер Лајен. 

Според неа, Европа има одговорност да игра активна улога во светот, особено на Блискиот Исток, каде мора да престане крвопролевањето во Газа, бидејќи премногу деца, жени и цивили ги загубија животите како резултат на одговорот на Израел на бруталниот терор на Хамас.

- Народот во Газа не може повеќе да трпи. Човештвото не може да трпи. Ни треба итен и траен прекин на огнот. Ни треба ослободување на израелските заложници. И треба да се подготвиме за следниот ден. Европа мора да ја одигра својата улога. Масовно ја зголемивме нашата хуманитарна помош на речиси 200 милиони евра во 2024 година и ќе направиме повеќе, истакна таа, порачувајќи дека „решението за две држави“ е најдобриот начин да се гарантира безбедност и за Израелците и за Палестинците, бидејќи луѓето на Блискиот Исток заслужуваат мир, безбедност и просперитет и Европа ќе биде на нивна страна. 

Фон дер Лајен говореше и за потребата од подобрување на квалитетот на живот, обезбедување социјално осигурување и првокласни прехранбени производи, потребата од поддршка на земјоделците и овозможувањето на поевтина храна. 

- Ќе се погрижам земјоделците да добијат фер приход. Мора да ја зајакнеме позицијата на нашите земјоделци во синџирот на вредност на прехранбената индустрија... Нашите земјоделци го обликуваат нашиот пејзаж. Тие го обликуваат лицето на Европа. Тие се дел од нашата култура. Тие обезбедуваат безбедност на храната. И ние сме горди на нив. Затоа мораме да работиме заедно за да се справиме со проблемите со кои се соочуваат, нагласи Фон дер Лајен. 

Таа се осврна и на потребата од зајакнување на социјалните права и дијалог, обезбедување на  достапно домување за сите, поддршка на регионите, засилување на кохезивна политика, поддршка на младите и заштитата на жените и запирање на порастот на насилството врз нив. 

Според неа, демократијата е заедничко богатство на ЕУ, но таа многу долго време се сфаќаше здраво за готово, што доведе таа денес да се најде под закана.  

- Низ ЕУ и во нашите институции, нашите служби и новинари, чија работа сакам да ја пофалам овде, откриваат случаи на шпионирање, кибер напади, корупција и дезинформации од странски актери, особено Русите и Кинезите. Нивото на закана и нивото на хибридни напади со децении не било толку високо... Мора да ги спречиме непријателските странски актери да се мешаат во нашите демократски процеси, да ги поткопуваат и на крајот да ги уништат. За да го направиме ова, мора да преземеме силни мерки на европско ниво, истакна Фон дер Лајен. 

За таа цел, таа најави формирање на „Европски штит за демократија“, како посебна структура за спротивставување на странските манипулации и мешања и обезбедување на моќни алатки за кибер одбрана. 

Според неа, треба да се воспостави транспарентност на странското финансирање на јавниот живот и да се гарантира веродостојна информативна рамка.  

- Затоа, ЕУ мора да ги поддржи независните медиуми, да продолжи да обезбедува почитување на правилата од дигиталните гиганти и дополнително да ги поттикнува програмите за медиумска писменост. Европската демократија мора да биде попартиципативна, поживописна. Граѓанското општество мора подобро да се поддржи и брани... Ќе ја засилиме нашата работа за одбрана на сите делови од нашата демократија. Ќе ги заштитиме нашите слободни медиуми и граѓанското општество. Владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат во срцето на нашата работа, рече Фон дер Лајен, потенцирајќи дека почитувањето на принципите на владеењето на правото е нешто за што не може да се преговара, бидејќи тие се суштината на европскиот начин на живот. 

Според неа, потребна е и амбициозна реформска агенда за да се обезбеди функционирање на поголема Унија и да се зголеми нејзиниот демократски легитимитет.  

- Иако реформи беа неопходни и претходно, со проширувањето тие стануваат незаменливи. Мора да го искористиме ова како катализатор за промени во однос на нашиот капацитет за дејствување, нашите политики и нашиот буџет... Верувам дека ни треба промена на Договорот што може да ја подобри нашата Унија. И сакам да работам на тоа со овој Дом, рече Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека потребата од посилна Европа и поголема од кога било досега и затоа мора да се работи на она што го спојува европскиот континент и на остварување на сонот на оние луѓе кои ги ризикуваа и ги ризикуваат своите животи за сонот наречен Европа.  

- Генерации по генерации ја направија Европа и избраа силна Европа. И сега таа одговорност е на нас. Последните пет години покажаа што можеме заедно. Ајде да го направиме тоа повторно. Дозволете ни да ја избереме силата. Да го направиме изборот на лидерство. Да го направиме изборот на Европа. Ви благодарам и да живее Европа, заклучи Фон дер Лајен во своето обраќање пред европратениците. 

По нејзиното обраќање се одржа дебата на европратениците за презентираната програма за работа на Фон дер Лајен. Гласањето за реизбор на Фон дер Лајен е предвидено за 13 часот. За да биде (ре)избрана на Фон дер Лајен и е потребна поддршка од мнозинството од вкупниот број европратеници или 361 глас. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан