• сабота, 23 ноември 2024

Фон дер Лајен: ЕУ е тука да му помогне на украинскиот народ во справувањето со предизвиците 

Фон дер Лајен: ЕУ е тука да му помогне на украинскиот народ во справувањето со предизвиците 

Брисел, 20 септември 2024 (МИА) – Денеска сум овде за да му пренесам на народот на Украина дека Европската Унија е тука да му помогне во овие предизвикувачки времиња во пресрет на зимата, за да може да запали светло и да се згрее и да ја одржи својата економија, додека во исто време се бори за својот опстанок, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев.  

- Зимата се приближува, а Русија продолжува да ја таргетира вашата цивилна енергетска инфраструктура на бесрамен и злобен начин за да се обиде да ја втурне вашата земја во темнина. И можев да видам утрово, кога посетив една од вашите непобедливи позиции, колку Украинците се решени да се погрижат тоа да не се случи, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Таа потсети дека ЕУ вчера заедно со Меѓународната агенција за енергија, промовираше „Зимски план за Украина, со кој меѓу останатото се предвидува поправка на енергетската инфраструктура оштетена при руските напади, поврзување на земјата со европската електрична мрежа и обезбедување услови за постојан проток на струја низ државата. 

Фон дер Лајен нагласи дека за реализација на овие приоритетите за поддршка на украинската енергетската инфраструктура се обезбедени финансиска поддршка и донации во натура од земјите членки на Унијата во вредност од две милијарди евра.  

- И ќе има уште. Вчера го објавив пакетот за поддршка од 160 милиони евра, за поправки и обезбедување итна зимска опрема. Дел од овие пари доаѓаат од приходите на руските замрзнати средства во Европската Унија. И токму тоа треба да го направиме со нив, треба да ја натераме Русија да плати за штетите што го предизвика, порача претседателката на ЕК. 

Таа додаде и дека за задоволување на огромните финансиски потреби на Украина предизвикани од војната, ЕУ од самиот почеток на руската инвазија на земјата и додели помош од над 118 милијарди евра.  

- Но, немилосрдните напади на Русија значат дека е неопходна дополнителна поддршка. Затоа, со задоволство можам да објавам дека денеска Комисијата усвои предлози кои ќе и овозможат на ЕУ да позајми 35 милијарди евра. Ова е огромен чекор напред. Сега сме уверени дека можеме многу брзо да и го испорачаме овој заем на Украина, поддржан од неочекуваните приходи од замрзнатите руски средства, рече Фон дер Лајен.  

Таа говореше и за потребите на украинската армија и одбранбена индустрија, потсетувајќи дека ЕУ веќе започна со префрлање на средства од приходите од замрзнатите руски средства во Унијата за потребите на вооружените сили на Украина, при што веќе се префрлани првите 1,4 милијарди евра за нарачки за оружје и опрема преку Европскиот мировен фонд.  

- Ова ја прави Европа број еден јавен инвеститор во вашиот одбранбен сектор, додаде претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен се осврна и на европската перспектива на Украина, нагласувајќи дека членството на земјата во ЕУ ќе биде еден од приоритетите на новата Европска комисија во следните пет години.  

- На крајот на јуни, пред помалку од три месеци, Украина направи огромен чекор напред со првата Меѓувладина конференција. Ова беше доказ за големите чекори што Украина ги направи во однос на нејзините реформи поврзани со ЕУ, додека се бори против руската агресија, рече Фон дер Лајен. 

Според неа, следна цел во тој правец е во договор со земјите членки, ЕК што поскоро да ги започне преговорите за членство со Украина по кластерот „Основани вредности“. 

- Додека, за жал, се приближуваме до 1.000 дена од руската агресија, ние стравуваме за опстојувањето на храброста на Украина. Можеме само да се обидеме да ја поттикнеме со нашето трајно пријателство и солидарност, како и со изгледите за мирна иднина на Украина во Европската унија. Слава Украини, додаде Фон дер Лајен. 

Зеленски од своја страна се заблагодари се сета досегашна поддршка од ЕУ за Украина, додавајќи дека таа е особено важна за одржување на енергетската инфраструктура која е изложена на секојдневни руски напади и бомбардирања. 

- За нас Украинците поддршката за Украина е прашање на принцип што треба да обезбеди сигурност и долгорочен мир. Колку поддршката е поголема, толку побрзо ќе биде возобновена безбедноста во Украина, рече Зеленски. 

Тој нагласи дека за Украина од клучна важност е да се спречат блокадите при обезбедувањето поддршка за украинските одбранбени сили преку Европскиот мировен фонд и преку Украинскиот механизам, бидејќи тие блокади влијаат врз способноста на земјата да се одбрани себе си и својот народ и врз нејзините позиции на линијата на фронтот.   

Според него, одлуката на ЕУ за користење на средствата од приходите од замрзнатите руски средства е праведна и со тоа ќе се помогне во стопирањето на агресијата од страна на Русија. 

Фон дер Лајен утрово допатува во посета на Киев. Пред билатералната средба со Зеленски, таа ја посети украинската Државна служба за вонредни состојби и им оддаде почит на жртвите на руската агресија. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан