• среда, 13 ноември 2024

Фон дер Лајен: Да ја поттикнеме соработката во изнаоѓањето одговори на глобалните предизвици 

Фон дер Лајен: Да ја поттикнеме соработката во изнаоѓањето одговори на глобалните предизвици 

Брисел, 16 јануари 2024 (МИА) - Податоците во Извештајот за глобалните ризици за 2024 година се зачудувачки и отрезнувачки, но за деловната заедница главна грижа за следните две години не се конфликтите или климата, туку дезинформациите проследени со поларизација на нашите општества, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.  

- Овие ризици се сериозни бидејќи ја ограничуваат нашата способност да се справиме со големите глобални предизвици со кои се соочуваме: промени во нашата клима и нашата геополитичка клима, промени во нашата демографија и во нашата технологија, поврзаните регионални конфликти и засилената геополитичка конкуренција и нивните влијанија врз синџирите за снабдување, истакна Фон дер Лајен. 

Според неа, ваквите состојби ја прават уште поактуелна темата на овој Форум – „Повторно градење доверба“, бидејќи ова не е време за конфликти или поларизација, туку за изградба на доверба.  

- Ова е време да се поттикне глобалната соработка повеќе од кога било досега. Ова бара итни и структурни одговори соодветни на големината на глобалните предизвици. Верувам дека тоа може да се направи и верувам дека Европа може и мора да го преземе водството во обликувањето на тој глобален одговор, додаде Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека клучна за сето тоа е соработката со цел да се создадат услови за просперитет, благосостојба и безбедност за луѓето, за стабилно опкружување за иновациите и инвестициите и за еднакви можности и слобода.  

- Оваа 2024 година е најголемата изборна година во историјата. Демократиите ширум светот ќе се упатат на гласање, со кое ќе биде опфатено половина од глобалното население, вклучително и над 450 милиони луѓе во Европската Унија. Унија на 27 демократии каде што сите имаме право да го кажеме своето мислење, да бидеме свои, дури и ако сме различни од мнозинството. Во демократијата, народот е тој што ги избира победниците и губитниците со нивните избори и однесувања, рече Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека слободата носи и ризици, бидејќи секогаш ќе има такви кои ќе се обидат да ја искористат отвореноста и „да не истуркаат од колосек, на пример, со дезинформации“.  

- И никаде ги нема повеќе отколку за прашањето за Украина. Па дозволете ми да дадам некои вистински информации. Русија потфрла во стратешките цели. Тоа е прво и основно воен неуспех. Кога Русија ја нападна Украина, многумина стравуваа дека Киев ќе падне за само неколку дена, а остатокот од земјата за неколку недели. Тоа не се случи. Наместо тоа, Русија изгуби приближно половина од своите воени капацитети. Украина ја протера Русија од половина од териториите што ги имаше заземено. Украина ја потисна руската Црноморска флота и повторно го отвори поморскиот коридор за испорака на жито во светот. И Украина ја задржа својата слобода и независност, истакна претседателката на ЕК. 

Според неа, покрај воен, Русија доживеа и економски неуспех, станувајќи се позависна од Кина, како и дипломатски, со тоа што Финска стана членка во НАТО, наскоро тоа ќе го стори и Шведска, а Украина е поблиску до ЕУ од кога било досега. 

- Сето ова ни кажува дека Украина може да победи во оваа војна. Но, ние мора да продолжиме да го зајакнуваме нејзиниот отпор. Украинците... треба да знаат дека со својата борба ќе обезбедат подобра иднина за своите деца. А подобрата иднина на Украина се вика Европа, додаде Фон дер Лајен. 

Таа се осврна и на глобалните последици од руската агресија врз Украина, како растот на трошоците за живот и за водење бизнис и несигурноста во снабдувањето со енергија и храна, потенцирајќи дека во напорите да ја намали зависноста од руски енергенси ЕУ се сврте кон транзицијата на чиста енергија и кон инвестиции во ефикасни и обновливи технологии. 

- Минатата година ЕУ првпат произведе повеќе електрична енергија од ветер и сонце отколку од гас. И оваа година, првпат, Европската Унија треба да добие повеќе вкупно енергија од ветер и сончева светлина отколку од Русија. Тоа е добра вест. Ова го вклучува лидерството на Европа во развојот и иновациите на технологијата за чиста енергија, истакна претседателката на Европската комисија. 

Осврнувајќи се на Извештајот за глобални ризици во кој вештачката интелигенција е наведена како еден од главните потенцијални ризици за следната деценија, Фон дер Лајен нагласи дека покрај што е ризик, вештачката интелигенција нуди и големи можности, доколку се користи на одговорен начин, за што доказ се напредокот во здравството или зголемената продуктивност во индустријата. 

- Европа е добро позиционирана да стане лидер во користењето на вештачката интелигенција за трансформирање на критичните инфраструктури со цел да станат интелигентни и одржливи, рече Фон дер Лајен. 

Таа оцени дека светот денес се соочува со најголем предизвик за глобалниот поредок во повоената ера и со ризици кои се реални и присутни.  

- Но, за да се соочиме со ризиците, треба да ризикуваме заедно. Тоа е она што Европа отсекогаш го правела. ЕУ е најдобра кога сме храбри. Следните години ќе бараат од нас да размислуваме на ист начин. Верувам дека наша заедничка и трајна должност е зајакнувањето на нашата демократија и заштитата од ризиците и мешањето со кои се соочуваме. Треба да ја обновиме довербата повеќе од кога било и Европа е подготвена да игра клучна улога во тоа, потенцира Фон дер Лајен. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан