• вторник, 24 декември 2024

Фон дер Лајен во Јабланица вети поддршка од ЕУ за БиХ

Фон дер Лајен во Јабланица вети поддршка од ЕУ за БиХ

Јабланица, 24 октомври 2024 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска најави поддршка за Босна и Херцеговина во санирањето на последиците од поплавите и свлечиштата во кои загинаа 27 лица, а беа уништени голем број семејни куќи, комерцијални објекти и инфраструктура.

Фон дер Лајен ја посети Долна Јабланица, која беше најтешко погодена од поплави и одрони.

- Речиси немаше никаква прилика ниту можност да се спаси населението од овој дел. Велам, навистина е неверојатно да се види сето ова од прва рака …, рече претседателката на Европската комисија.

Таа им изрази сочувство на семејствата на жртвите, а на Босна и Херцеговина и најави поддршка од Европската унија во санирањето на последиците од поплавите и одроните.

- Европската унија е секако тука со вас, не само во овој краткорочен период на првиот одговор, туку секако и во подолготрајниот период во рехабилитација и реконструкција, односно враќање на животот во овие области, истакна таа.

Претставници на општина Јабланица истакнаа дека штетата само во оваа општина е проценета на 25 милиони евра. Претходно, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, која беше во Долна Јабланица заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека Босна и Херцеговина ќе аплицира за Фондот за солидарност на Европската унија за санирање на последиците од поплавите и одроните. Босна и Херцеговина има можност да го стори тоа со оглед на тоа што е земја кандидат за ЕУ.

Во поплавите и свлечиштата во Босна и Херцеговина на почетокот на октомври загинаа 27 лица, а штетите се проценуваат до 100 милиони евра. јт/

Фото: Скриншот

Остани поврзан