Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 25 мај
- Првото издание на Фолк фест „Валандово“ се одржа пред 40 години, а годинашново 38 издание ќе се одржи на 25 овој месец во фестивалската сала „Јанко Узунов“ и ќе бидат исполнети 22 новосоздадени македонски песни.
Валандово, 7 мај 2025 (МИА) - Првото издание на Фолк фест „Валандово“ се одржа пред 40 години, а годинашново 38 издание ќе се одржи на 25 овој месец во фестивалската сала „Јанко Узунов“ и ќе бидат исполнети 22 новосоздадени македонски песни. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за Фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.
Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.
-Фолк фест „Валандово“ не е само валандовска гордост, туку и национална, македонска вредност, а нема македонска веселба и свадба која поминува без песни кои се испеани и коишто почнале на оваа фестивалска сцена во Валандово. За потврдување на македонскиот национален идентитет Фестивалот влегува во најтесна конкуренција кои него го сочинуваат, рече Костадинов.
Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две предфестивалски вечери на Градскиот плоштад на 23 и 24 мај, на кои ќе настапат македонски естрадни уметници од забавната и од народната музика, а во ревијалниот дел на фестивалското издание ќе настапи доајенот на македонската песна, Перо Христов.

Уметничкиот директор на Фестивалот Живоин Глишиќ информираше дека на јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 22.
-Сметам дека тоа што го направивме и од тоа што го нудиме е само продолжување на сето што го направивме досега на Фестивалот и се обидовме да собереме се што е квалитетно на музички план во однос на изведувачката екипа, инструменталната и авторската екипа, односно ова е шеста година како овој уметнички и директорски состав го правиме Фестивалот и сметаме дека направивме едно големо искачување на одредено ниво на Фестивалот, рече Глишиќ.
На денешната прес-конференција со жрепка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.
И годинава главната фестивалска вечер ќе се пренесува директно на МРТВ. рт/мд/
Фото: МИА