• сабота, 16 ноември 2024

Фокс њуз: Трамп ќе именува претставник за мир во Украина кој ќе преговара за крај на војната со Русија

Фокс њуз: Трамп ќе именува претставник за мир во Украина кој ќе преговара за крај на војната со Русија

Вашингтон, 13 ноември 2024 (МИА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп наскоро би можел да именува специјален претставник за мир во Украина, со цел да ги води преговорите за завршување на војната со Русија, пренесува Фокс Њуз, повикувајќи се на неколку анонимни извори.

- Ќе видите многу респектиран специјален претставник, лице со голем кредибилитет, на кое ќе му биде доверена задачата за пронаоѓање на решение и постигнување на мировен договор, рече еден од изворите на Фокс и додаде дека именувањето ќе се случи наскоро. Курт Волкер имаше слична функција како специјален американски претставник за Украина на волонтерска основа од 2017 до 2019 година. Се очекува дека и новата позиција на претставник за мир во Украина ќе биде без финансиски надомест.

Во изминатите денови, Трамп објави дел од новите членови на неговата идна администрација. Некои од неговите избори дале контроверзни изјави за војната во Украина и се спротивставиле на дополнителна воена помош за Киев. На 12 ноември, Трамп ги именува Илон Маск и Вивек Рамасвами како лидери на новото тело наречено Оддел за ефикасност на владата, со цел „поттикнување на големи структурни реформи“.

Рамасвами, богат бизнисмен, и Маск, еден од најбогатите луѓе во светот и сопственик на SpaceX, Tesla и X (порано познат како Twitter), немаат политичко искуство освен краткото кандидирање на Рамасвами за претседателска номинација. Маск во неколку наврати изнесуваше проруски ставови за Украина, вклучувајќи предлози за отстапување на територии на Москва, додека Рамасвами е меѓу најгласните противници на воената помош за Киев.

Трамп ја назначи гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, за директорка на Одделот за национална безбедност, која претходно изјави дека руската инвазија е „проблем на Европа“, а не на САД. Трамп, исто така, го назначи Мајкл Волц за советник за национална безбедност, чиј став за Украина еволуираше од силен поддржувач на американската воена помош до преиспитување на таа помош и насочување на ресурсите кон Кина. За секретар за одбрана ќе го именува Пит Хегсет, воен ветеран и актуелен водител на Фокс Њуз, додека државен секретар ќе биде Марко Рубио. ссм/

фото: архива

Остани поврзан