• четврток, 26 декември 2024

ФОД: Досега имаме исплатено 90,5 отсто од вкупно пресметаното обесштетување на депонентите на Еуростандард банка

ФОД: Досега имаме исплатено 90,5 отсто од вкупно пресметаното обесштетување на депонентите на Еуростандард банка
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) - Фондот за осигурување на депозити (ФОД) во целокупната постапка на стечај на Еуростандард банка, ја одигра најважната улога, а тоа е исплата на обесштетувањето на депонентите – физички лица на Еуростандард банка. Од 15.09.2020 година кога започна исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка и до денес има исплатено 90,5 отсто од вкупно пресметаното обесштетување, информираат од Фондот. -Покрај оваа исплата која сѐ уште се одвива преку четири банки исплатувачи, Фондот работи и на исплата на наследниците на депоненти кои починале. До сега се обработени преку 300 случаи на исплати на наследници. Фондот за осигурување на депозити има статус на доверител во стечајната маса на Еуростандард банка. За исплата на обесштетување на депонентите со право на обесштетување, Фондот издвои вкупно 4,2 милијарди денари или 68 милиони евра, посочуваат од Фондот. Потсетуваат дека Уставниот суд на 25.05.2021 година, донесе одлука со која се укина член 163 став 3 од Законот за банките, со која Фондот за осигурување на депозити го загуби правото на приоритетна наплата на своето побарување од стечајната маса на банката или штедилницата за која е отворена стечајна или ликвидациска постапка. На 7 јули 2021 година, додаваат, Уставниот суд донесе решение да не се поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити и Фондот за осигурување на депозити останува во својство на доверител како и останатите доверители, односно неспорно е дека Фондот е во својство еднакво со другите доверители во стечајната или ликвидациска постапка на банка или штедилница. -Како доверители, а согласно член 116 став (2) од Закон за стечај побарувањата на стечајните доверители во Еуростандард банка од ист исплатен ред се намируваат сразмерно на големината на побарувањата. Во нашиот систем за осигурување на депозити прагот на обесштетување изнесува 30.000 евра во денарска противвредност пресметани по средниот курс на Народната банка на денот на конечноста на решението за одземање на дозвола на банката, филијалата на странска банка или штедилницата во која настанал ризичен настан, истакнуваат од Фондот. Согласно Директивата 2014/49/EU, додаваат, прагот на обесштетување во земјите на ЕУ изнесува 100.000 евра и ова обесштетување се однесува на депозитите на население, како и на депозитите на правните лица. -Во Фондот се осигуруваат депозитите на домашни и странски физички лица (депозити на население) кои се депонирани во банки, филијали на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија. Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит, велат од Фондот. Нагласуваат дека секоја држава надвор од ЕУ, прагот на обесштетување го прилагодува на економските прилики во општеството и додаваат дека во Албанија обесштетувањето е до 20.000 евра, Косово – 5.000 евра, Црна Гора – 100.000 евра, Србија – 50.000 евра, БиХ – 25.000 евра. -Фондот за осигурување на депозити од своите членки наплаќа стапка од 0,25 отсто годишно од вкупните депозити на население. Согласно Законот за ФОД оваа стапка може да изнесува најмногу 0,7 отсто годишно од вкупните депозити во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница. Во земјава осигурувањето на депозитите се наплаќа со рамна стапка – иста за сите членки, информираат од Фондот. Вкупни депозити на население во Република Северна Македонија на 31.12.2021 година изнесуваа 4,8 милијарди евра, обем според кој се пресметува и нивото на покриеност на Фондот. Како на пример истакнуваат дека во Албанија се наплаќа премија од 0,125 отсто, а во Косово од 0,45 до 1,5 отсто во зависност од ризикот кој го сносат. -Согласно Директивата на ЕУ, стапката на премија се пресметува согласно ризикот кој секоја членка го носи и согласно потребата од постигнување на одреден обем на фондот за сигурност. Во ЕУ нема скала по која се одредува стапката на премија и најчесто се пресметува врз основа на ризик, велат од Фондот. Согласно Законот за ФОД, посочуваат,нивото на покриеност на Фондот, т.е. паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4 отсто од вкупните депозити на население во банките, филијалите на странските банки и штедилниците во земјава. -Кај повеќето од земјите во ЕУ, согласно Директивата на ЕУ, минималното ниво на покриеност треба да изнесува најмалку 0,8 отсто од вкупните осигурени депозити (население и правни лица) на своите членки или да биде обезбеден фонд со кој пропорционално ќе можат да се покријат потенцијални ризици. Доколку тој фонд е недоволен, се пристапува кон итно полнење на фондот за обесштетување од други извори. Секој систем има свои карактеристики и се прилагодува на ЕУ колку што може. Во регионот на пример: Албанија има ниво на покриеност – 5,83 отсто, Косово имаат цел да стасаат до 9 отсто, Црна Гора има за цел да постигнат 10, а потоа да не плаќаат додека не стигнат до 6 отсто. Не смеат да одат под 6 отсто, прецизираат од Фондот. Нагласуваат дека Фондот за осигурување на депозити е стабилен и подготвен за брзо и навремено извршување на своите обврски кон граѓаните – депонентите на нивните членки, банките и штедилниците. -Нашата ефикасност е докажана многу пати до сега. Од формирањето во 1997 година па до денес исплатени се 90 отсто од вкупните обврски за обесштетување на депонентите при сите ризични настани. Остануваме доследни на нашата основна цел, заштита на депозитите на граѓаните, брза исплата, градење и чување на довербата во финансискиот систем, потенцираат од Фондот за осигурување на депозити.вј/дма/

Остани поврзан