• недела, 01 септември 2024

Флик среќен од победата над Реал, на Анчелоти поразите не му пречат

Флик среќен од победата над Реал, на Анчелоти поразите не му пречат

Њу Џерси, 4 август 2024 (МИА) - Ханзи Флик не можеше да започне подобро во својот нов тим. Малку тренери можат да се пофалат дека ги победиле Манчестер Сити и Реал Мадрид (1:2) во првите два натпревари. Особено што Флик тоа го постигна со неколку мотивирани и гладни за докажување тинејџери.

-Натпреварите против Реал Мадрид секогаш даваат одлично чувство, дури и кога не се официјални. Многу ми се допадна начинот на кој игравме кога ја имавме топката. Да, тоа е само проба, но се справивме многу добро и покажавме подобрување во споредба со играта против Манчестер Сити.

Го прокоментира и настапот на Пау Виктор, кој постигна три гола на два натпревари. 
-Воопшто не е лошо. Тој знае како да го направи тоа и тоа е добро за еден напаѓач. Вратата за првиот тим е секогаш отворена, па ќе видиме што ќе се случи. Но, ова не се однесува само на него. Алекс Ваје заврши одлична работа против Винисиус и може да игра и десно и лево. И Балде и Хектор исто така се справија многу добро. Прекрасно е да ги имаш овие играчи од 16, 17 и 18 години, рече Флик.

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти пак, не покажа загриженост за вториот пораз на неговиот тим на претсезонскиот турнир. „Кралевите“ претходно загубија и од Милан (0:1). 
Италијанецот пред медиумите нагласи дека „не мора да полудуваме“ бидејќи тоа се само контролни.

-Сега нашата цел е да работиме на кондиција. Затоа овие порази не ми пречат. И да не полудуваме, бидејќи ова се претсезонски натпревари, а ни недостигаат и играчи. Сега не е важен резултатот, туку играчите да се во форма. Не размислуваме за тактика или други работи, туку само за да ги доведеме играчите во добра кондиција. Ќе работиме на тактичко ниво.

Тој го прокоментираше и дебито на Лорен, Обрадор и Јакобо за првиот тим на Реал Мадрид.

-Мислам дека ќе уживаат во овој момент. Ова им дава голема возбуда. Сите имаат многу добри квалитети, но не е така лесно да се игра со првиот тим. Сакам да ги гледам како играат затоа што покажуваат квалитет и карактер. Марио Мартин од младината на пример би можел да биде во првиот тим. Сега ќе видиме што ќе се случи по затворањето на пазарот, но тој е играч на кој можеме да сметаме, објасни Италијанецот. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан