Тетекс ги почна подготовките за пролетниот дел од сезоната
- Фудбалерите на второлигашот Тетекс од Тетово вчера ја имаа првата прозивка со што почнаа да се подготвуваат за вториот дел од сезоната.
Тетово, 15 јануари 2026 (МИА) - Фудбалерите на второлигашот Тетекс од Тетово вчера ја имаа првата прозивка со што почнаа да се подготвуваат за вториот дел од сезоната. Од екипата заминуваат шест фудбалери, а во текот на преодниот рок ќе се договараат нови засилувања.
- Подготовките ќе се одвиваат во Тетово, тука на фудбалскиот стадион со вештачка трева на Спортско-рекреативниот центар во градот. Имаме закажано шест контролни натпревари. Околу играчите, шест играчи имаат заминато од претходната полусезона, а со четворица е договорено да пристапат. Управата работи на тоа да донесат уште некој играч, информираше Петар Митев, тренер на голманите.
Шеф на стручниот штаб и понатаму ќе биде Марјан Билбиловски, а како играч и тренер ќе настапува Блашко Николовски.
- Целта е да се обезбеди директен опстанок во лигата, да не бидеме во ситуација, како претходните години кога сме останувале преку бараж или во последно коло да се бориме, ќе пробаме што порано да го обезбедиме тој опстанок. Така да ќе се подготвиме како што треба, истакна Петар Митев.
Во есенскиот дел од сезоната Тетекс се пласираше на 11 место од 16-те второлигашки екипи. За сигурен опстанок е потребна осмата позиција на табелата. ас/зс/
Фото: МИА