• вторник, 24 декември 2024

ФИФА покрена постапка: Се бараат дополнителни извештаи од натпреварот Аргентина – Мароко

ФИФА покрена постапка: Се бараат дополнителни извештаи од натпреварот Аргентина – Мароко

Париз, 26 јули 2024 (МИА) - Челниците на Светската фудбалска федерација (ФИФА) покренаа истрага во врска со настаните на натпреварот од 1. коло на олимпискиот турнир во Франција меѓу Аргентина и Мароко.

Африканскиот тим го доби тој натпревар со 2:1, но дури откако главниот судија на натпреварот реши да го поништи израмнувачкиот гол на Аргентина поради офсајд позиција по дури два часа.

Имено, Јужноамериканците успеаја да израмнат во последната минута од судиското надополнување, а потоа на теренот втрчаа мароканските навивачи, додека оние кои беа на трибините фрлаа со разни предмети кон играчите на Аргентина.

Аргентинците побегнаа во соблекувалната, а по цели 120 минути судијата се врати на теренот, го погледна видеото од спорната ситуација и реши да го поништи голот.

ФИФА сега започна истрага за натпреварот, бара официјални извештаи од сите актери на натпреварот, а фудбалските федерации на двете земји ќе треба писмено да се изјаснат за случувањата на натпреварот.

Инаку, Аргентина испрати официјална жалба на одлуката за поништување на голот и сосема е извесно дека за овој натпревар ќе се зборува многу во деновите што следат. дс

Фото: Архива

Остани поврзан