ФИС им ја укина суспензијата на норвешките ски скокачи, истрагата во тек
- Меѓународната скијачка федерација (ФИС) објави денеска дека со крајот на сезоната во Светскиот куп во скијачки скокови воедно завршува суспензијата на петмина норвешки репрезентативци за манипулирање со нивната спортска опрема, која беше откриена во финалето на Светското првенство во Трондхајм на крајот на февруари.

Оберхофен, 1 април 2025 (МИА) – Меѓународната скијачка федерација (ФИС) објави денеска дека со крајот на сезоната во Светскиот куп во скијачки скокови воедно завршува суспензијата на петмина норвешки репрезентативци за манипулирање со нивната спортска опрема, која беше откриена во финалето на Светското првенство во Трондхајм на крајот на февруари.
Како што појаснија од ФИС, суспендирањето на петте норвешки ски скокачи од натпреварите било неопходно за да се обезбеди интегритет на натпреварите. Со крајот на сезоната, која заврши со скоковите изминатиот викенд на Планица забраната за настапи на Мариус Линдвик, Јохан Андреј Форфанг, Робин Педерсен, Кристофер Сундал и Роберт Јохансон повеќе не важи.
Овие натпреварувачи сега ќе можат да тренираат без ограничувања и да учествуваат во натпревари под покровителство на нивната домашна скијачка асоцијација или некоја од другите асоцијации.
Забраната за тројцата тренери на норвешкиот тим, кои, исто така, учествуваа во измамата е сè уште на сила, соопшти ФИС.
На 8 март, стана познато дека норвешките ски-скокачи ги модифицирале своите одела за да ги подобрат своите аеродинамички карактеристики
ФИС објави денеска истрагата за инцидентот кој фрли дамка на Светското првенство во нордиско скијање во Трондхајм сè уште е во тек. Дресовите кои ФИС ги заплени по откривањето на скандалот повторно ќе бидат прегледани и измерени. ег
ФОТО: ЕПА