„Фискален бројач“ - нова алатка за транспарентност на МФ, која има цел да даде дневен увид во државната каса
- „Фискалниот бројач“ е новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии со високофрефентни податоци, која на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во буџетот и извршува
Скопје, 14 март 2021 (МИА) - „Фискалниот бројач“ е новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии со високофрефентни податоци, која на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во буџетот и извршувањето на капиталните расходи, додека на месечна основа го прикажува државниот долг, соопшти денеска МФ.
Целта на оваа алатка, објавена на веб-страната на Министерството, се додава во соопштението, е понатамошнa отвореност на буџетот кон јавноста, за да се постигне уште повисоко ниво на фискална транспарентност.
-Фискалната транспарентност е највисокиот степен на контрола на јавните финансии, бидејќи на располагање се ставаат информации кои креираат јавно мислење, кое пак има висок степен на корективна моќ. Креирањето на подобар систем на јавни финансии се состои, меѓудругото, и од постојани активности во насока на подигање на фискалната транспаретност. „Фискалниот бројач“ е алатка која придонесува во оваа насока. Таа на дневна основа го прикажува полнењето на државната каса, како и расходната страна на буџетот, односно кумулативот од почетокот на годината до конкретниот датум на објава, како и степенот на реализација во однос на планот. Исто така, алатката дава високофрекфентни податоци за извршување на капиталните расходи и на тој начин прави притисок на сите институции за подобра реализација. Бројачот дава можност и за следење на државниот долг на месечна основа - податок кој досега се објавуваше на квартално ниво. Сумарно, со оваа алатка се обезбедуваат високофрекфентни податоци кои претходно не и биле достапни на јавноста, а со цел подобар увид во полнењето и трошењето на средствата од државната каса, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во соопштението Министерството најавува дека наскоро ќе излезе и со нова алатка која ќе креира поголема предвидливост во деловното окружување од аспект на законската даночна регулатива - ќе биде објавен Даночен календар, односно план на законски измени во даночната регулатива, идеја која произлегла од континуираниот дијалог со коморите. ац/