• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Филмско око“ - нова книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков

„Филмско око“ - нова книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Издавачка куќа „Или-Или“ информира дека утре од печат ќе излезе „Филмско око“, четвртата книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков. Изданието е шеснаесетта книга во едицијата „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа.

Десет години од објавувањето на првата книга од серијалот, „Филм.мкд“, која се закити со државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев - Јасмин“, три години подоцна авторот ја издаде „Филмски град“, а во 2022 година и „Филмотопија“.

- Во сите изданија Анѓелков будно ги следи случувањата во филмската уметност кај нас и во светот и преку критички осврти ми го доловува актуелниот момент во седмата уметност во првата четвртина од третиот милениум, се наведува во соопштението. 

Содржински, книгата е поделена во неколку тематски целини во кои авторот се осврнува на сите возбудливи филмови по објавувањето на „Филмотопија“. Книгата почнува со третирањето на македонската кинематографија во овој период, следи поглед кон европската и американската кинематографија во изминатите неколку години, а потоа и делот за филмските фестивали. При крајот има два специјализирани темати во кои се застапени текстови за музиката и филмот, како и за филмските јубилеи. Централниот дел на книгата е посветен на австрискиот филмаџија Улрих Зајдл, кој беше лански лауреат на „КинеНова“ и кој на сцената, при примањето на наградата, прочита еден „манифест“ за состојбата во филмската уметност кој уште долго ќе биде релевантен и цитиран.

- Се на се, Анѓелков со „Филмско око“ уште еднаш ни „подарува“ бистар поглед на нештата во филмската уметност, грижејќи се за кревката публицистика во оваа област, чии изданија низ годиниве се бројат на прстите од раката, стои во соопштението од издавачката куќа „Или-Или“.  мд/дма/

Фото: Илустрација

Остани поврзан