• сабота, 23 ноември 2024

Филмот на Гоце Цветановски „Јон Вардар против Галаксијата“ на фестивал во Бразил

Филмот на Гоце Цветановски „Јон Вардар против Галаксијата“ на фестивал  во Бразил

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - „Јон Вардар против Галаксијата“ - првиот македонски долгометражен анимиран филм беше прикажан во Бразил на 48. издание на престижниот фестивал „Мостра Сао Паоло“. Филмот во режија на Гоце Цветановски е дел од компетитивната програма во секцијата Нови режисери.

Македонскиот филм, како што најавува режисерот Цветановски, ќе има четири проекции во рамки на фестивалот кој годинава во својата програма ги вклучи и победниците на Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан и други врвни филмски фестивали.

Во изјава по повод учеството на фестивалот, Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија, и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.

-Самата номинација за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам, и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка, рече Цветановски.

„Јон Вардар против Галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Станува збор за хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска, стои во соопштението. вг/са/

Фото: Гоце Цветановски

Остани поврзан