• среда, 25 декември 2024

Филмот на Алмодовар награден со Златен лав на фестивалот во Венеција

Филмот на Алмодовар награден со Златен лав на фестивалот во Венеција

Венеција, 8 септември 2024 (МИА) - Филмот Next Door го освои Златниот Лав на филмскиот фестивал во Венеција. Ова е првиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар на англиски јазик кој се занимава со тешки теми како евтаназија и климатските промени.

Филмот доби 18-минутни овации кога претходно неделава беше премиерно прикажан во Венеција, едни од најдолгите во последно време.

Алмодовар (74) ја доби наградата за животно дело во Венеција во 2019 година.

Втората награда – Сребрен Лав, и беше доделена на италијанската режисерка Маура Делперо за драмата сместена во италијанските Алпи за време на Втората светска војна – „Вермиљо“.

Никол Кидман ја доби наградата за најдобра актерка за филмот „Babygirl“. Таа не присуствуваше на церемонијата поради ненадејната смрт на нејзината мајка.

Францускиот актер Венсан Лендон беше прогласен за најдобар актер за улогата во „The Quiet Son“, филм кој се занимава со семејство уништено од радикализам на крајната десница.

Наградата за најдобра режија припадна на американскиот режисер Брејди Корбет за филмот „The Brutalist“, кој раскажува за преживеан од Холокауст кој се обидува да го обнови својот живот во САД.

Жирито на фестивалот во Венеција оваа година беше предводено од француската актерка Изабел Ипер. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан